Каде „исчезна“ Никола Тодоров, најактивниот министер во владата на Груевски?

by Fokus

Поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, како еден од најактивните луѓе во владата на Никола Груевски веќе пет месеци исчезна од политичката сцена, па не може да се види ниту на партиските митинизи, ниту пак во белиот барокен штаб на ВМРО-ДПМНЕ додека се чекаа резултатите од првиот круг од локалните избори што се одржаа на 15 октомври.

Неговиот последен јавен настап беше при крајот на мај, кога си поднесе оставка од пратеничката функција и најави дека ќе се посвети на адвокатурата и партијата.

– Имајќи предвид дека планирам во иднина повеќе да се посветам на мојата основна професија како адвокат, како и да можам да дадам поголем придонес во партиските активности, дозволете ми да ве информирам дека одлучив да поднесам оставка на функцијата пратеник во Собранието на Република Македонија – истакна пред неколку месеци Тодоров.

Во целата изборна кампања, тој единствено е забележан на митингот во Кавадарци, а според објавените информации на веб страната на ДПМНЕ, може да се види дека Тодоров е член и на последниот состав на Извршниот комитет во партијата.

„Фокус“ се потруди да стапи во контакт со екс министерот за здравство, за да го прашаме со што се занимава во моментот и зошто не е партиски активен, но тој не одговараше ниту на нашите телефонски повици, ниту на смс пораките. Единствено што може да се забележи е дека на својот фејсбук профил споделува видеа од партиските митинизи од партијата од која доаѓа.

Тодоров ќе остане запаметен како еден од министрите, кој речиси секој ден имаше прес-конференции и редовно промовираше нови проекти, од кои повеќето пропаднаа. Во неговото си-ви ќе остане запишано дека тој е човекот кој со судска одлука забрани штрајк на лекари и ги игнорираше кога излегоа на протести повеќе од 50 дена. Тодоров, исто така само неколку месеци пред заминување од функцијата набави апарати за отпечатоци на прсти во јавните здравствени установи, кои чинат 135.268 евра, со што ќе ја контролираше работата на лекарите. Но, веднаш по напуштањето на министерската фотеља проектот пропадна.

Во негово време беа воведени и проектите „Мој термин“ и проектот „Плаќање по успешност“ кој предизвика најголем револт кај белите мантили. Исто така, во тој период беа организирани и контра-протести од директорите на клиниките пред ресорното министерство со цел да му дадат поддршка на тогашниот прв човек во здравството. Во јавноста Тодоров беше најмногу обвинуван за смртта на малата Тамара Димовска од Велес, која имаше искривување на рбетот и чекаше пари од Фондот за здравство за операција во странство. Тамара почина, а од владата на Груевски родителите беа обвинети за нејзината смрт.

И.М.

Поврзани новости