ЈПДП: Не се работи за тендер во 4 очи, туку за итна набавка поради свлечиштата по косините на Миладиновци-Штип

by Фокус

Јавното претпријатие за државни патишта на чело со директорот Зоран Китанов реагира кон дел од текстот објавен во Фокус со наслов „Тендер во 4 очи и анекси за доградба на автопатот Миладиновци-Штип, вкупната сума надминува 7 милиони евра“, кој се однесува на тендерската постапка спроведена по пат на преговори без претходно објавување на оглас за санација на косините на автопатот Миладиновци-Штип. Од таму сметаат дека формулацијата „тендер во 4 очи“ не е соодветна, истакнувајќи дека се работи за итна набавка, во чии рамки биле повикани повеќе компании после елементарната непогода на 17 март годинава.

„По обилните врнежи од дожд и снег во текот на месец март на автопатот А4 Миладиновци–Свети Николе–Штип, кои предизвика неконтролирано слегнување на земјиштето по косините и нивно оштетување и по кои се појавија 12 свлечишта со што сериозно се загрози безбедноста и движењето на учесниците во сообраќајот, ЈПДП изврши интервентна јавна набавка за итна санација. Впрочем ова е законска обврска на Јавното претпријатие за државни патишта кое мора да реагира итно во вакви случаи. Во таа насока, беа повикани професори од Градежен Факултет, беа земени во предвид мислењата од Надзорот, како и Извештај од моменталниот Изведувач на работите, но и фотографии од увид на самото место, по што се пристапи кон почнување на постапка за итна санација, односно се поднесе Барање до Бирото за јавни набавки за Итна набавка за растеретување и санација на косини на автопатот“, велат од ЈПДП.

Од таму информираат дека на преговори биле повикани компаниите „Штрабак“, „Жикол“ и „Гранит“, на кои им бил предаден Извештајот од стручното мислења од Градежен факултет. Потоа, тие доставиле понуди, од кои најниска била на „Гранит“ во вредност од 27,377,180 денари со вклучен ДДВ.

„Веднаш се пристапи кон растеретување на косините и се уште и во моментов се работи на извршување на истите. Веќе се отстранети главните препреки за безбедност во сообраќајот. За сите останати додатни градежни работи беа објавувани тендери во редовна постапка, а се однесуваа на градежни работи надвор од автопатот, но кои произлегуваа од нецелосно довршени работи, во смисла на вклучување на околните населени места, т.е сервисни патишта, приклучоци на патишта, одводи и сообраќајна сигнализација соодвествено на горе наведените работи, а бидејќи не бевме во можност да повлекуваме средства од кредитот иако имаше неискористени околу 40 милиони евра заради истекот на датата за користење. Бидејќи авопатот требало да биде готов пред две години, моравме од буџетот на ЈПДП да ги финансираме овие додатни работи“, велат од претпријатието.

Инаку, Фокус објави дека ЈПДП периодов склучило договори со „Гранит“, „Бетон“ и „Диви“ поврзани со автопатската делница Миладиновци-Штип. Според Бирото за јавни набавки, ако се земат во предвид договорите за докомплетирање на трасата со „Гранит“ сосе измените/анексите, за сообраќајна сигнализација со „Бетон“, за надзор со „Диви“, како и итната постапка поради свлечиштата, се доаѓа до сума од над 7 милиони евра.

В.С.

Поврзани новости