Тендер во 4 очи и анекси за доградба на автопатот Миладиновци-Штип, вкупната сума надминува 7 милиони евра

by Фокус

Откако на средината на минатата 2019 година беше официјално пуштен во употреба автопатот Миладиновци-Штип, финансиран со кинески кредит, Јавното претпријатие за државни патишта склучи договор со градежната компанија „Гранит“ за докомплетирање на автопатската делница во износ од 353 милиони денари или 5.7 милиони евра. Но, оттогаш до денес овој договор двапати се менува, така досега вредноста на тендерот достигна скоро 6 милиони евра.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, во конкуренција на уште една компанија, градежната компанија „Гранит“ го добила овој тендер, кој предвидува градежни работи од различен вид – ископ и транспорт на хумус, насипување со кршен камен, изработка на насипи, ископ на канали и дренажни ровови, изведба на асвалтни риголи, изработка на монтажни бетонски рабници и банкини, изведба на тампонски и битуменизиран слој… За тоа е предвиден рок од 28 месеци, што значи дека работите треба да завршат во 2022 година.

Но, кон средината на февруари оваа 2020 година, двете страни прават измена на основниот договор склучен во јули 2019 година, со образожение дека се јавила непредвидена 194.500 евра.

Сепак, набргу потоа е направена уште една измена на основниот договор со истото образложение дека се јавиле потреби кои договорниот орган првично не можел да ги предвиди, а суштински не ја менуваат природата на договорот. Така, двете страни во април годинава склучуваат анекс на договорот чија вредност изнесува околу 2 милиони денари или 33 илјади евра, со што вкупната вредност на проектот достигна над 367 милиони денари или нецели 6 милиони евра.

Воедно, ЈП за државни патишта во посебна постапка склучи договор и со градежната компанија „Бетон“ за докомплетирање на сообраќајна сигнализација на автопатската делница Миладиновци-Штип, чија вредност изнесува над 35 милиони денари или околу 574 илјади евра. Во рамки на оваа тендерска постапка се јавил само еден понудувач.

Како што налага Законот за градба, јавното претпријатие морало да склучи договор и за надзор над градежните работи, изведбата на сообраќајна сигнализација и пошумување на косините. За таа цел, склучен е договор од 6,6 милиони денари или 105 илјади евра со „Диви Македонија“, која, пак, настапила во конзорциум со уште две компании – „Евро Консалтинг“ и „Геинг Кребс унд Кифер“.

Исто така, ЈП за државни патишта и АД „Гранит“ минатиот месец мај склучиле уште еден договор поврзан со автопатската делница Миладиновци-Штип, кој не бил спроведен во отворена постапка, туку во постапка по пат на преговори без претходно објавување на оглас. Како што е објавено од страна на БЈН, на преговори биле повикани 3 компании, но на крајот бил склучен договор со токму со „Гранит“ за санација на косини во износ од 27 милиони денари, односно 439 илјади евра.

„Во текот на месец март преовладуваше невреме невообичаено за овој период на годината, проследено со интензивни и континуирани врнежи од дожд и снег кои имаа влијание врз општата состојба на веќе изведените градежни работи на автопатот. Ваквата состојба придонесе веќе после првите поголеми дождови прво да се појави свлечиште, за потоа да следи период на непрекинати врнежи кои придонесоа на повеќе места да се активираат постоечките свлечишта, а на места да почнат да се појавуваат нови… Со оглед на фактот дека патот е под сообраќај и дел од материјалот од косините се наоѓа на асфалтот кој може да продолжи да се спушта кон асфалтот, потребно е да се спроведе итна јавна набавка“, стои меѓу другото во образложението на јавното претпријатие.

Инаку, оваа автопатска делница во должина од 47 километри беше финансирана со 206 милиони евра од кредитот од кинеската „Ексим Банка“ во вкупен износ од половина милијарда евра. За потсетување, Специјалното јавно обвинителство во 2017 година отвори истрага против Никола Груевски, Миле Јанакиески, Владимир Пешевски, бидејќи тие во втората половина од 2012 и во текот на 2013 година во постапка за изградба на автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид ги искористиле и пречекориле овластувањата, со што, според СЈО, го оштетиле буџетот за 155 милиони евра.

Всушност, тоа е сумата која, според наводите и доказите што тогаш ги обезбеди СЈО, поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ ги преплатилата автопатите Миладиновци-Штип и Кичево Охрид, на тој начин прво ја спроведела постапката по пат на директни преговори, а потоа ја избрале кинеската компанија „Синохидро“, иако друга кинеска компанија имала пониска понуда. За овој случај беше поднесено и обвинение во судот, кое беше прифатено.

Фокус истата година пишуваше за контроверзноста за овој проект. Иако автопатот требаше да биде завршен во мај истата година, неговата изградба дотогаш беше реализирана само 60 отсто. Покрај тоа што се финансираше од предвидениот кинески кредот, постојано постоеле многу дополнителни и странични трошоци што паѓаат на товар на македонскиот буџет, кои само до тој момент надминуваа 20 милиони евра.

Но, и по искористувањето на кинеските средства и пуштањето на автопатот во употреба, тој се уште генерира трошоци. Па, ако се земат во предвид договорите што ЈП за државни патишта периодов ги склучи за докомплетирање на трасата со „Гранит“ сосе измените, за сообраќајна сигнализација со „Бетон“, за надзор со „Диви“, како и итната постапка поради свлечиштата, се доаѓа до сума од над 7 милиони евра.

Влатко Стојановски

Поврзани новости