Јовески до пратениците: Немало обид за влијание и притисоци за случајот со пожарот во Модуларната болница во Тетово

by fokus

Најодговорно изјавувам дека никогаш во ниту еден момент во текот на постапката за пожарот во Модуларната болница во Тетово во која загинаа 14 лица, немало обид за влијание и притисоци, тврди републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески во одговорот што по пошта го испратил до Собранието за интерпелацијата што за него ја поднесоа опозициските партии на Албанците – Беса, Алтернатива и Демократско движење.

-Најодговорно изјавувам дека никогаш во ниту еден момент во текот на оваа постапка немало обид за влијание и притисоци. Имајте предвид дека во текот на глобалната светска здравствена криза, во која на тест беа ставени здравствените системи на сите држави во светот, десетици вакви слични или потешки катастрофални несреќи со човечки жртви, од речиси идентични причини, се случија во повеќе европски и други земји. До овој момент, Република Северна Македонија е една од ретките земји, ако не и единствена, каде што за ваквиот настан беше поведена кривична постапка која веќе резултираше со првостепена осудителна пресуда. Тоа јасно ја покажува решеноста на јавното обвинителство за кривичен прогон, посочува Јовески.

Во одговорот на барањето за интерпелација, јавниот обвинител наведува дека за овој трагичен настан, за дејствијата што ги преземаше Јавното обвинителство, јавноста во континуитет била известувана без да се наруши текот на постапката, која во еден дел веќе завршила со осудителна пресуда.

-Меѓутоа, поднесената интерпелација за овој предмет уште еднаш потврди дека „Институцијата со која раководам постојано е изложена на неосновани напади и обиди за дискредитација, кои во крајна линија се една од основните причини за ниска јавна доверба во правосудните органи воопшто. Повод за оваа интерпелација се непроверени и неиздржани, наводи во новинарски текст, кој неодговорно манипулира со чувствата на засегнатите од оваа трагедија и кај пошироката јавност, но очигледно и кај дел од пратениците, креира погрешни перцепции за текот на овој предмет, пишува во одговорот од јавниот обвинител.

Јовески наведува дека обвинението се темели на обезбедените докази и извршени вештачења, кои вклучуваат – вешт наод на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи, Службена експертиза од Форензичкиот институт при Сојузната криминалистичка служба и лабораторија од Германија, вешт наод на стручно лице електроинжинер, вештачењето на Технолошко-металуршкиот факултет кој ја испитуваше брзината на согорување на сите материјали употребени за болницата, како и вештачење на Електротехничкиот Факултет Скопје во поглед на усогласеноста на изведената инсталација со законските прописи за ваков тип градби.

Сите овие докази и вештачења се комплементарни, не се спротивставуваат и јасно ја утврдуваат причината за настанување на пожарот, но и одговорноста на службените лица, се вели во писмото.

Во однос на прашањата за интерпелацијата за тоа кои се неправилностите во тендерската постапка за градење на модуларните болници и дали и зошто Обвинителството не ги смета како релевантни овие околности во самото обвинение, Јовески одговара дека „евентуалните неправилности во тендерската постапка се испитуваат во предметот во кој во предистражна постапка постапува Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал корупција“.

-И документацијата побарана и обезбедена во овој предмет е обемна и е поврзана со јавна набавка за изведба на повеќе објекти, под надзор и во рамките на посебен проект финансиран од Светската банка. Од тие причини, потребно е време за анализа на сите тие документи и утврдување на евентуални неправилности. Во рамки на постапката на Основното јавно обвинителство Тетово, која директно ги испитуваше причините за пожарот, тие причини беа недвосмислено утврдени со неколку вештачења и на ниту еден начин не беа поврзани со тендерски документи, посочува Јовевски.

Според него, неосновани се и информациите за наводна спротивставеност на вештачењата.

Зад секоја одлука во овој предмет стои тим од јавни обвинители, кои и покрај својата посветена работа,како што наведува, по објавата на наведениот новинарски текст, се директно изложени на напади и неосновани критики.

Обраќајќи се до пратениците, Јовески бара тие со своето општествено и политичко влијание да поттикнат создавање клима во која јавните обвинители ќе можат непристрасно и одговорно да ja извршуваат својата должност.

-Јавнообвинителската работа, па и работата на другите правосудни органи, е јавна и постојано оценувана од повеќе домашни и странски фактори, меѓутоа таа не смее да биде злоупотребувана за политички калкулации и пресметки. Секое обвинување за наводни пропусти и злоупотреби мора да биде поткрепено со сериозни докази, а не паушално и неиздржано. Во спротивно, и онака кревката доверба на јавноста во правосудниот сектор дополнително неосновано се нарушува, а тоа може да има несогледливи последици за целото општество, пишува Јовески.

Во исто време, тој апелира на „внимателност со оглед на тоа што поставување на интерпелација за предмет во кој се води активна судска и предистражна постапка, отвора можност за нарушување на начелата на поделба на власта и независност на правосудните институции, но и за директно загрозување на постапки кои се во тек“.

Поврзани новости