Алта банка може да ја наруши финансиската стабилност во земјата, вели Бранимир Јовановиќ, од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, во разговор за Рацин.мк.
Тој укажува дека е крајно проблематична намерата на српската Алта банка да ја преземе Стопанска банка Битола. За српската банка Европската централна банка има отворено истрага за можно перење пари, па оттаму и гувернерот на Народната банка на Северна Македонија треба сериозно да размисли, па дури и да не го одобри преземањето на Стопанска банка Битола.
-Мислам дека прашањето тука воопшто не е од каде е таа банка, туку каква е таа. А Алта банка е добро позната како контроверзна банка, која ја следат многу скандали. Во Србија е позната како банка која е блиска до владеачката партија и која профитираше од повластени договори со неколку државни фирми кои напплатата ја вршеа преку неа. Во Австрија е позната како банка која беше казнета лани поради прикривање на информации. Во Европската унија е позната како банка против која Европската централна банка води истрага за можно перење пари, за што пишуваше Фајненшл тајмс, случај, кој колку што можев да видам, сè уште не е затворен. Знаејќи го сето ова, навистина не гледам што добро може да донесе една ваква банка, и мислам дека само може да направи проблеми, вели Јовановиќ.
На прашањето дали е ова засилување на унгарско-српското влијание во Македонија, тој вели:
-Попрво би кажал дека нашата влада си ја зацврстува позицијата во тимот на Вучиќ и Орбан. Не само идеолошки, туку и во поглед на начинот на владеење и бизнис релациите. Лошото во целата работа е што станува збор за мал и слаб тим, кој не е многу ценет во Европа и светот, а и на кој не му оди баш добро во последно време – поддршката и на Вучиќ и на Орбан е падната драстично, очекувањата се тие да ги изгубат следните избори. Но во Македонија никогаш не се размислувало стратешки, секогаш се гледало само како да се збогатиш преку ноќ додека си на власт, вели Јовановиќ.