Јордан Митев е далеку пред балканските ѕвезди, кажа организаторот на неговиот вчерашен концерт во Битола

by Fokus

Популарниот фолк пејач Јордан Митев синоќа го наполни Ракометното игралиште во Битола, каде одржа голем концерт во организација на Модното студио Шанел и првиот човек на студиото, Благоја Стојановски, познат во естрадните кругови како Пикси Шанел. На Митев му гостуваа колегите Марјан Коцев, Демир Кантуровски и оркестарот Уска Кан, а по завршувањето на настанот, пејачот доби голем број на пофалби од многубројните гости.

Да се прави солистички фолк концерт во време кога во земјава секојдневно гостуваат голем број на музички ѕвезди од регионот, кои настапуваат по плоштади, клубови и кафулиња, за многумина од нашата фолк естрада е предизвик за кој тешко би се решиле да го прифатат.

Сепак, како што за „Фокус“ раскажува организаторот Пикси, тој уште од самиот почеток верувал во Јордан Митев и знаел дека концертот ќе помине со огромен број на публика.

-Со квалитетот кој го поседува, со макотрпната работа на естрадата со години наназад, Јордан Митев е далеку пред балканските ѕвезди! За жал, нашата публика има таков обичај, секогаш повеќе да го цени она кое ни доаѓа од страна, туѓото… Сепак, на настанот во Битола тој уште еднаш покажа дека е голем професионалец, се надевам дека е пренесена пораката да се покаже многу повеќе почит за него и за сите наши уметници, за се она кое го прават за македонската естрада – вели Пикси.

Додава дека во публиката имало околу 1.500 луѓе кои во еден глас пееле заедно со Митев. Била потребна добра организација околу целиот настан, кој поминал беспрекорно, со професионално озвучување, осветлување, со добра координација на сите вклучени во проектот.

-Оркестарот од девет музичари беше предобар, а атмосферата, кога над 1.500 луѓе пееја заедно со Јордан, беше нешто кое не може да те остави рамнодушен. Гледачите со искрените емоции го разубавија целиот концерт, и повеќе од јасно е дека вакви спектакли со македонска музика треба да се организираат почесто. Да се одлучиш за самостоен концерт во ова време беше навистина храбар чекор на Митев, но се покажа дека народот ни е желен за настани од овој вид – ни изјави организаторот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости