Пендаровски, поранешни претседатели, судии и секретари на партија меѓу можните кандидати за иден претседател, вели Ковачевски

by Fokus

Актуелниот претседател Стево Пендаровски, поранешни претседатели на државата, поранешни претседатели на СДСМ, поранешни секретари на СДСМ, но и врвни поранешни судии се меѓу можните кандидати предложени за иден претседател на државата, рече денеска лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски по прес-конференцијата со неговиот колега од Германија, Ларс Клингбеил, одговарајќи на новинарско прашање колку можни кандидати се предложени од владејачката партија за претстојните претседателски избори.

„Не можам да ви кажам точно колку можни кандидати се предложени затоа што ги немам бројките пред мене. Тие се собираат во секторот на организацискиот секретар. Се работи за повеќе еминентни можни кандидати, вклучително и претседателот Пендаровски, кој што е предложен од општинските организации. Тоа што можев да го видам од она што го имаме добиено на располагање од општинските организации, само потврдува дека СДСМ е голема партија, партија која располага со врвен кадровски потенцијал и која секогаш ги има најдобрите кандидати за сите позиции, рече Ковачевски.

Тој коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот Фатмир Битиќи дека би прифатил да биде заеднички кандидат за претседател на државата, вели дека таа е доказ дека СДСМ е на исклучително демократско ниво, како и дека секој кој ги исполнува критериумите согласно правилникот, може да биде предложен.

„Тоа што го кажува потпретседателот на партијата Битиќи, апсолутно е во корелација со тоа што го кажувам, а тоа е дека оваа постапка во нашата партија е на исклучително високо демократско ниво. Секој може да биде предложен, кој што ги исполнува критериумите согласно правилникот и сечија кандидатура и амбиција, сечиј капацитет и потенцијал нормално дека од Извршниот и од Централниот одбор на партијата ќе бидат земени во предвид“, рече Ковачевски.

 

Поврзани новости