Бурните јавни реакции по вчерашниот скандал со нашата евровизиска претставничка Андреа Коевска (22), која го фрли на земја македонското знаме, а потоа се извини и порача дека немала намера никого да навреди, никако не стивнуваат.
Се бара нејзино повлекување и откажување на настапот кој треба да се случи на втората полуфинална вечер на 12-ти мај во Торино, а нејзиното извинување и пораката дека фрлањето не било од омраза и и било бесмислено што се случува ова, затоа што таму биле да уживаат и да делат страст, уште повеќе ја разгневи јавноста.
Повторно се актуелизира начинот на кој таа беше избрана да ја претставува Македонија на Евровизија, односно пресудниот глас на странското жири таа да биде победничка, иако освои 4.300 гласа од публиката, наспроти освоените 12.621 гласа на Виктор Апостоловски. Уште тогаш јавноста реагираше дека не е испочитувана волјата на народот, и се поставуваше прашањето зошто воопшто се дозволи народот да гласа за свој фаворит на домашниот избор на песна за Евровизија, кога на крај последниот збор го имаа пет луѓе од други држави, кои беа дел од стручното жири.
Како потсетување, Андреа со песната ,,Circles” на Александар Масевски освои 4.300 гласа од онлајн гласањето, додека пак Виктор Апостоловски со песната ,,Супермен” на Владимир Дојчиновски освои речиси три пати повеќе гласови од јавноста, односно 12.621.
Според бодувањето од странската жири комисија, Андреа имаше најмногу поени, но на крај дојде до изедначување на нејзините и поените на Виктор, по што од МРТ соопштија дека според правилник, пресуден е бројот на највисоки оценки од жирито.
Револт кон нашата евровизиска делегација, поради неизбежните скандали кои се провлекуваат речиси на секоја Евровизија, но и разочарување, бидејќи се дозволило да се продолжи со истиот тим со години наназад, и покрај многуте пропусти, дури и да се ненамерни, како и пораки Андреа да се врати назад и да не учествува на Евровизија, можат да се прочитаат и на официјалната страница на МРТ1 Промо.
-Кога веќе дозволуваме секоја година да имаме скандали со кои се гази врз достоинството на народот, бидејќи се избираат претставници кои не се на ниво на задачата и очигледно го немаат потребното искуство и професионалност потребни за еден таков настан, можеби и не заслужуваме подобро?
Народот гласаше за Виктор, а не за Андреа. Дали е ова она кое се вика карма? – прашуваат многумина.
-Да се качете на првиот авион сите, и назад! –е уште е од низата на пораки до нашиот евровизиски тим.
Дали овојпат ќе биде испочитувана волјата на народот, кој бара откажување на настапот на Андреа, или пак МРТ ќе одлучи таа и покрај се да настапи и да ја претставува Македонија, се уште нема официјална информација од јавниот сервис, кој вчера најави дека се разгледува можноста за нејзино повлекување поради скандалозното однесување.
Вики Клинчарова