Јас не сум Марјан-Доказ!

И птиците на гранките знаат дека „фалшивиот доказ“ бил само извршителот. Тој бил задолжен да го повлече чкрапалото, а за да биде приказната целосна, недостасуваат нарачателите, посредниците, но и помагачите.

by fokus

Пишува: Валентина ВУРМО

Значи навистина треба да ни биде срам на нас новинарите, кои пред некоја вечер не се потресовме и останавме дома по папучи и не мрзневме пред станот на неновинарот, кај кого обвинителството со часови вршеше претрес!

Та навистина сме биле нехумани и џелати што со пароли „Јас сум Марјан-рекетарот“, упс, „Јас сум Марјан-Доказ“, не му дадовме поддршка пред неговата зграда.

И што има врска што не бил новинар, што со години плукал и оцрнувал кого ќе стигнел, што рекетирал и уценувал… Важно имал орудие во рака, односно портал, преку кој ги објавувал своите бљувотини! Па тоа, според некои, и го правело по малку новинар. А бе, чиста логика.

И тоа не е сѐ! Како тоа сме седеле и сме се топлеле дома наместо да видиме дали на човекот ќе му затреба Брза помош, бидејќи многу му се кревал притисокот кога ќе се вознемирел. И како не сме се сетиле да ургираме кај министерот Оливер Спасовски, уапсениот да добие коректен и професионален третман?

Можеби требало и да го замолиме министерот да им укаже на истражителите и трипати ако треба да го пребројат кешот од 90.000 евра, за случајно на чисто срце да не му допишат некое евро плус! Значи, навистина да ни биде срам и арам што не сме ги испочитувале овие „новинарски стандарди“!

А, за парите, рака на срце, од прва не ни текна. Од кај знае професионален новинар колку се 90.000 евра? Сме чуле, ама вака со очи не сме ги виделе, а камоли броеле.

Еднаш, не така неодамна, гледавме една снимка на која се тврдеше дека во торба „луј витон“ имало 1 милион евра, ама за овој „скромниот“ кусур сѐ уште не разбравме во каква торба бил спакуван. Е ова е веќе новинарски пропуст!

Но, како рекол народот, трпение-спасение! А целата македонска јавност ни е сведок дека бевме и премногу трпеливи. Дозволивме луѓе што не држат перо в рака, туку плукаат шлајм, секојдневно да ни ја валкаат професијата.

Како минуваа годините се навикнавме на нив, како на грда бенка, која ни е страв да ја отстраниме, за случајно да не метастазира и ни го зафати целото тело. И додека стравувавме, некои од колегите се обидоа и да ги протнат како дел од фелата.

Па, наместо јасно и гласно оградување од другите, добија тивко прифаќање, па осилени како никогаш досега, тргнаа во напад.

Затоа претресот пред некоја вечер не беше обид за цензура или замолчување новинар или, пак, некаков напад врз слободата на изразување, туку конечно чукна часот да се преброиме. Кои сме новинари, а кои се рекетари?

Но, тоа не е сѐ. Однапред ќе ја изгубиме битката доколку овој случај не се расчисти целосно и докрај. И птиците на гранките знаат дека „фалшивиот доказ“ бил само извршителот.

Тој бил задолжен да го повлече чкрапалото, а за приказната да биде целосна, недостасуваат нарачателите, посредниците, но и помагачите. Вистинско злосторничко здружување, а не новинарска редакција, како што некои сакаат да претстават.

Значи, имиња „колега“, имиња! Да се знае која нарачка од која адреса стигнувала и колку била платена? Ни доказ помалку од ова.

А, како што веќе се шпекулира, нема да биде премногу тешко да се разоткрие вистината. Легендата вели дека извршителот, иако имал неуредни текстови, преполни со лаги и гадости, имал уредно зачувани пораки и разговори од своите блиски соработници.

Најверојатно ги чувал за вакви црни денови, со надеж дека со нив барем малку ќе му се раздени.

А, осилените нарачатели и соработници, сигурно деновиве не ги фаќа сон. Се засолнија во глувчешка дупка, иако до неодамна се ситеа како лакоми мачори. Па, зар не слушнале дека „каменот од близу доаѓа“?!

И затоа крајно време е да запре бесмислената дебата дали уапсениот бил новинар или не. Јас не сум Марјан-Доказ, туку бев една од неговите многубројни жртви, која по нарачка беше спружена на насловната страница на неговиот портал.

Време е да ја исчистиме професијата од плевелот што ја обрасна. Па, уште и се чудиме зошто само 7 проценти од граѓаните целосно им веруваат на медиумите!

Поврзани новости