Јанкуловски реизбран за ректор на УКИМ

by fokus

Универзитетската изборна комисија ја објави Одлуката за утврдување избран кандидат за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ според која за ректор на УКИМ е избран досегашниот и актуелен – проф. д-р Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет.

Во Одлуката УИК наведува дека таа е врз основа на сумираните резултати од тајното гласање што денеска беше спроведено на единиците во состав на УКИМ.  Составен дел од Одлуката е и Записник на УИК од сумираните резултати од гласањето, потпишан од седумте члена на Комисијата, а според кој Јанкуловски освоил 3.604.454 поени. Најмалку од седумте кандидати за ректор на УКИМ освоил кандидатот Јане Ацевски (89.902 поени).

Денеска од 12 до 14 часот се гласаше на 22 од 23-те факултети на УКИМ  и на пет институти во состав на Универзитетот.. Гласање немаше на Факултетот за драмски уметности зашто оттаму не прифатија нивни професори да бидат во состав на изборна комисија на нивниот факултет, а  УИК не им назначи друга комисија. Наставно-научниот и уметнички совет на ФДУ на 23 јуни одлучи да не учествува на изборите со став дека тие треба да бидат одложени поради бројни  законски прекршувања на целокупната постапка за избор на ректор, како и со оглед на отпочнувањето на парламентарните избори во државата.

УИК наведува дека според доставените записници од изборните комисии, гласањето поминало без проблеми и неправилнсти. Како што е наведено во Записникот во прилог кон Одлуката,  според избирачките списоци на единиците, запишани се вкупно 1450 гласачи, од кои 30 гласачки ливчиња за ФДУ, поради одлуката на нивниот Наставно-научен и уметнички совет за неучество, останале во архивата на УИК.

Комисијата соопштува дека гласале 942 члена на Наставно-научните/Научните совети. По извршеното гласање, 478 гласачки ливчиња се неискористени и 106 се неважечки.

Во Записникот се доставени резултатите од гласањето изразени во број на поени што ги освоил секој кандидат на секоја единица. На листата се седум кандидати кои се кандидираа за ректор по огласот од 30 мај 2020: актуелниот ректор Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет; Јане Ацевски и Коле Василевски од Шумарскиот факултет, Александар Димитров од Технолошко-металуршкиот факултет, Петар Атанасов од Институтот за социолошко-правни истражувања, Вујица Живковиќ од Факултетот за физичко образование и Драги Димитриевски од Земјоделскиот факултет.

Поврзани новости