Јанакиески демантира поврзаност со германската фирма, сместена во неговата куќа

by Фокус

По обвинувањата на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, дека во куќата на министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, во Прилеп, е регистрирана германска фирма, која добила милионски бизнис, се огласи и министерот. Тој вели дека фирмата што го добила тендерот во Прилеп тоа го направила без негова асистенција, како и дека самата имала право да избере каде ќе си формира седиште.

Јанакиески објасни дека тој од Прилеп се иселил пред десет години, па затоа немал врска со наследената куќа, која била издадена под кирија. Како и да е, ниту еден закон не е прекршен, вели Миле Јанакиески.

„Имено во фирмата „Лудвиг Фајфер“ Прилеп немам никаква сопственичка поврзаност. Видно од тековната состојба евидентирана во Централниот регистар на Република Македонија основач и сопственик на правното лице „Лудвиг Фајфер“ Прилеп е правното лице „Лудвиг Фајфер ХОХ-И ТИФБАУ ГМБХ&КО.кг Касел“ – Германија. Јас како физичко лице сопственик на индивидуална куќа со површина од 396 м2 која се наоѓа на ул. Браќа Ламески бр.32 во Прилеп, на ден 01.09.2013 година имам склучено договор за закуп на наведената куќа со рок на важност на договорот до 31.08.2015 година со Проектот “Рехабилитација и продолжување на канализационата мрежа во Прилеп” за месечна закупнина од 700 евра. Сопственоста на куќата која е предмет на закуп уредно е пријавена во мојот анкетен лист во Државната комисија за спречување на корупцијата“, пишува во соопштението на министерот.

Тој додава и дека договорот за закуп на куќата бил пријавен во Управата за јавни приходи на 30.09.2013 година, и редовно плаќал персонален данок кон државата.

„Ве информирам дека јас сум иселен од Прилеп пред повеќе од 10 години и постојано живеалиште ми е во Скопје, а сопственоста на предметната куќа ја имам добиено по основ на наследство. Истата беше предмет на издавање под закуп и во претходните 10 години пред да биде склучен договор за закуп со сегашниот закупец. Во однос на прашањето зошто седиштето на фирмата се совпаѓа со адресата на мојата семејна куќа во Прилеп, Ве упатувам ова прашање да го упатите до наведената фирма бидејќи секое правно лице при регистрација на фирмата самото определува која ќе биде адресата на седиште на фирмата“, вели министерот.

Тој додава дека во конкретниот случај со склучениот договор за закуп воопшто не е повредена ниту една одредба од Законот за спречување на корупција.

„Согласно член 22 од цитираниот закон договор за закуп не е склучен со правно лице што сум го основал јас или член на моето семејство, ниту пак член на моето семејство е одговорно лице во правното лице закупец на куќата. Исто така, нема никаква повреда ниту на една друга одредба од Законот за спречување на корупцијата со која би имало колизија на приватните интереси со јавниот интерес“, вели министерот и додава дека Министерството за транспорт и врски немало никаков вид на деловни односи со фирмата закупец.

 

Поврзани новости