Премиерот Груевски во Индија бара нов Субрата Рој

by Фокус

Премиерот Никола Груевски, министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, Џери Наумов, заменик министерот за економија, Христијан Делев, и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Климент Шекероски, од денеска се во посета на Индија.

Владината делегација ќе учествува на седмиот глобален самит Вибрант Гуџарат каде премиерот Груевски очекува да оствари повеќе билатерални средби на политичко и економско ниво.
На Самитот се презентираат потенцијалите за инвестирање, но и можностите за соработка на трговски, индустриски и економски план. На настанот ќе бидат присутни и главните луѓе на 50-те најголеми компании во Индија.

На овогодинешниот самит се очекува да присуствуваат околу 7.000 делегати, и тоа од академската средина, претставници на глобални компании и корпорации од автомобилската, технолошката, градежната, телекомуникациската индустрија, како и голем број политичари.

Премиерот Груевски во рамките на престојот во Индија ќе ги посети и градовите Ченаи, Калкута, и Џајпур каде ќе бидат преставени можностите за инвестирање во Македонија.

 

Поврзани новости