СДСМ: Ставрески го дал милионскиот бизнис на фирмата сместена во куќата на Јанакиески

by Фокус 16:05
16:05

Иако министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески демантираше поврзаност со германската фирма, која е регистрирана во неговата куќа во Прилеп и која добила милионски бизнис во Македонија, од СДСМ денеска додаваат дека овој скандал добил уште поголеми размери.

-Во обидот министерот да се извлече од скандалот, тој го прошири во размери што сега ја тресе и Владата на Никола Груевски. Објавивме, и Јанакиески потврди, дека од сите можни локации и илјадници куќи во Прилеп и Македонија, токму куќата на министерот за транспорт и врски во Прилеп е седиште на германската фирма „Лудвиг Фајфер“, избрана од власта за учество во 30 милионскиот проект Пречистителна станица. Министерот Јанакиески во реакцијата убедува дека не знае како оваа странска фирма станала кираџија токму во неговата куќа во Прилеп. Но, Јанакиески во реакцијата самиот информира дека тој, склучил Договор за закуп со, внимавајте, “Проектот за рехабилитација и продолжување на канализациската мрежа во Прилеп“. Ако Владата, односно министерот за финансии Зоран Ставрески, е еден од одговорните за управување со европските пари од Компонентата 3 од ИПА, значи лично кумот на Груевски, Ставрески го потпишал Договорот за милионскиот проект, со фирмата регистрирана токму на имотот на министерот во Владата, Јанакиески?!, истакна Шилегов.

- Advertising -

Тој напомена и дека по ова признание на министерот, Груевски, Ставрески и Јанакиески треба да одговорат неколку прашања.

– Вака ли работи Владата со странски фирми во Македонија? За лични профити? Јанакиески за овој случај сам соопшти дека зема кирија 700 евра месечно. За две години, за колкав период што тој тврди дека е закупена неговата куќа, во џебот на министерот ќе влезат 16.800 евра!, рече Шилегов.

Тој праша и дали Јанакиески излажал кога тврдел дека немал ништо со 30 милионскиот проект.

-Ако овој проект е финансиран од Европската унија – ИПА Компонентата 3, еве доказ дека истата е управувана и од министерството со коешто раководи Јанакиески. Значи ли тоа дека министерот сепак лаже?! Последно што се дозна беше дека сопругата на министерот за привлекување странски инвестиции е сместена на висока раководна позиција во германска фирма што добива државна помош за да инвестира во Македонија, потсети Шилегов, кој додаде дека премногу случајности се собрале во врските на владини функционери со странски фирми, а од друга страна, како што рече, партизираните институции не реагирале.

Од Министерството за транспорт и врски, пак, повторно го демантираа Шилегов.

„Случајно или не Шилегов заборави да изнесе на партиската говорница дека Комонентата 3 од ИПА е поделена на два дела и тоа Транспорт и Животна средина. Шилегов добро знае дека овој проект нема никаква врска со ресорот транспорт и дека Министерството за транспорт и врски со кој раководи министерот Миле Јанакиески нема никаква врска со договорот за Проектот за рехабилитација и продолжување на канализационата мрежа во Прилеп. Ако не е информиран го упатуваме да се информира во Европската Комисија каде му стојат сите информации на располагање“, велат оттаму.

sema (1)

 

Поврзани новости