„Не можам јас да имам фаворит, земјиштето е приватно и тој го има фаворитот“ – вака градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски му одговори на Кочо Стојчески, сопственик земјиштето во Карпош, кај поликлиниката Букурешт, каде Деталниот урбанистички план предвидува изградба на висококатница.
–Кој сака нека биде, ама нема да има дваесет и осум катница – вели Јакимовски во изјава за Фокус, кој посочува дека нема да има промена на урбанистичкиот план, но не открива како ќе ја спречи изградбата на објектот ако барањето за одобрение за градење е согласно планот.
Претходно, Стојчески го обвини Јакимовски за незаконско постапување. Во допис до Фокус, тој открива дека остварил неколку средби со градоначалникот, кои, тврди тој, завршуваат со согласност за градба на истата локација, како и учество на претставници од Општина Карпош во изработката на идејното решение за објектот.
Меѓутоа, посочува Стојчевски, после овие средби Јакимовски во неговите јавни настапи споменува имиња на лица и фирми кои немаат никаква врска со локацијата, без притоа да ја спомене неговата “Специјал Градба“, иако, како што нагласува сопственикот на фирмата, градоначалникот знае дека договорот е потпишан со нив и знае дека тие се носители на проектот.
„Дали во ваквиот однос на градоначалникот се крие желбата тој лично да диктира кои компании можат да градат во неговата општина и каде, без разлика чија сопственост е тоа или било кое земјиште? Каде е тука заштитата на интересите на чесните компании кои немаат поврзаност со него, а имаат сериозни идеи и проекти кои тој самиот ги усвоил во планот за градење? Дали градоначалникот има свој фаворит за предметната локација на кого има издадено веќе извод од ДУП по кој е започнато да се прави проект за изградба на објект на истата локација?“, праша Стојчески.
Воедно, тој посочи дека ова е прв случај во Македонија каде што градоначалник е против ДУП кој сам го има предложено и е донесен во негов претходен мандат 2013 година. Притоа, Стојчески ги повика Државната комисија за спречување на корупција и Обвинителството за организиран криминал да се вклучат и активно да го следат овој процес и да ги истражат сите дејствија во врска со предметната парцела во делот на урбанизација и дооформување на парцелата.
Како што првично објави Фокус, „Специјал Градба“ на Стојчески минатиот месец склучи договор вреден 13 милиони евра за земјиштето околу 3.500 квадратни метри помеѓу бензиската пумпа на Макпетрол и поликлиниката Букурешт со компанијата „Делта 2015 Констракшн“ во сопственост на „Орка Холдинг“ на семејството на Орце Камчев.
Инаку, овој објект е предвиден со ДУП-от за Градска четврт 305 помеѓу бул. Илинден, 8-ми Септември, Партизански одреди и Љубљанска, во кој стои дека на две катастарски парцели вцртана е една градежна парцела со број 6.1, на која е предвиден објект со намена А2-домување во станбени згради, со приземје, 26 ката и поткровје (П+26+пк) и висина од 88 метри.
Денес, пак, советничката група на Левица во Општина Карпош поднесе две предлог одлуки, кои се однесуваат на просторот на Деталниот урбанистички план З 05, во чии рамки се наоѓа спорната парцела на која се предвидува висококатница, која, како што посочуваат од партијата, беше дел од препукувањата помеѓу Јакимовски и ВМРО-ДПМНЕ.
„Бидејќи и двата политички субјекта најавуваа дека ќе иницираат постапка за спречување на изградбата на ова монструозно здание, а досега не го направија тоа, ние како советничка група се одлучивме на овој чекор. Овие две предлог-одлуки се однесуваат на иницирање на ревизија на овој Детален урбанистички план, како и забрана за издавање на градежни дозволи и стопирање на сите отпочнати градежни активности во рамките на овој урбанистички план“, соопштија од Левица.
Влатко Стојановски