Чии интереси попречи високатницата во Карпош, која веќе предизвика и политички земјотрес?

Пред да ја раскине коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски најави дека нема да дозволи изградба на 26-катница, која всушност е предвидена со ДУП донесен за време на неговиот претходен мандат. Според податоците што ги обезбеди Фокус, парцелите каде треба да се гради овој објект беа во сопственост на „Орка Холдинг“. Но, минатиот месец земјиштето го купила „Специјал Градба“ за 13 милиони евра.

by Фокус 17:48
17:48

Градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, вчера официјално ја раскина коалициската соработка со ВМРО-ДПМНЕ, после, како што рече, низа несогласувања и дискомуникација со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.

Меѓу причините за разидување со Мицкоски, Јакимовски наведе дека тој не можел да ја преболи неговата победа во Карпош и затоа, според него, ВМРО-ДПМНЕ преку советничката група во Карпош почнала да се пресметува со него преку блокада на урбанистичките планови.

Во тој контекст, последно што ја прелило чашата било спротивставувањето на вмровските советници кон Деталниот урбанистички план за Злокуќани, со кој, според Јакимовски, треба да се урбанизира делот каде моментално има бетонска база.

Но, ден претходно, Јакимовски и неговите довчерашни партнери велгоа во своевиден конфликт и во врска со висококатница која треба да се гради покрај Партизанска, односно помеѓу бензиската пумпа на Макпетрол и поликлиниката Букурешт.

Имено, Роберт Велјановски во име на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош побара Јакимовски да не дозволува изградба на висококатницата во насока на, како што рече, да се овозможи хумано урбано живеење во Карпош и борба против урбаната мафија.

Во однос на тоа, Јакимовски одговори дека не може да ја сфати реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи, истакна тој, уште претходно кажал дека таква висококатница нема да се гради и дека никогаш нема да стави потпис на таков објект, од причина што граѓаните се бунеле.

Може да се гради нешто нормално, гледаме народот што мисли, рековме ќе коригираме нешто во делот на урбанизмот – прокоментира денес Јакимовски во еден јавен настап, индиректно порачувајќи би дозволил изградба на објект со помала катност.

За што станува збор? Кој треба да ја гради висококатницата што се „испречи“ меѓу Јакимовски и Христијан Мицкоски? Што предвидува Деталниот урбанистички план и што се крие зад барањата за блокада на изградбата на објектот?

ШТО СЕ КРИЕ ВО ПОЗАДИНА?

Според податоците од Катастарот на недвижности, се работи за земјиште опфатено со две катастарски парцели во рамки на катастарска општина Карпош со број 1801/3 и 1801/5.

Инаку, вкупната површина на ова градежно неизградено земјиште изнесува околу 3.500 квадратни метри.

Проверките што ги извршивме покажуваат дека овие парцели во електронската евиденција на катастарот се уште се водат во сопственост на компанијата „Делта 2015 Констракшн“.

Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија, формирана во 2015 година со основачки влог од 3,5 милиони евра, е во сопственост на „Орка Холдинг“ на семејството на Орце Камчев.

Но, податоците што ги обезбедивме покажуваат дека оваа компанија неодамна, односно на крајот на минатиот месец мај, ја продала фирмата што го поседува земјиштето на друга компанија, која не е поврзана со ниту едно од лицата што беа споменати во јавноста.

Се работи за друштвото „Специјал Градба“ во сопственост на бизнисменот Кочо Стојчески, кое, според договорот со кој располагаме, за целиот уддел на „Делта 2015 Констракшн“ се обрзува на „Орка Холдинг“ да и исплати 5 милиони евра и дополнително да и отстапи недвижен имот во вредност од 8 милиони евра, што претставува 25 отсто од објектот што треба да се изгради до 2025 година.

Според нашите информации, „Специјал Градба“ планирала да го гради станбено-деловниот објект во соинвеститорство со реномираната градежна компанија „Гранит“, меѓутоа оваа компанија се откажала од таквата намера токму по последните случувања на политички план.

Неофицијално, како причини за излегување од преговорите за партнерството со „Специјал-Градба“, од „Гранит“ ги навеле и изјавите на Јакимовски дека нема да дозволи да се гради објект со предвидената големина, како и барањата на советниците на ВМРО-ДПМНЕ за бришење на маркици.

ШТО ПРЕДВИДУВА ПЛАНОТ?

Инаку, овој објект е предвиден со ДУП-от за Градска четврт 305 помеѓу бул. Илинден, 8-ми Септември, Партизански одреди и Љубљанска, кој е донесен во 2013 година, кога градоначалник беше токму Јакимовски, кој сега најавува дека нема да потпише одобрение за градба.

Во изводот од урбанистчкиот план стои дека на споменатите две катастарски парцели вцртана е една градежна парцела со број 6.1, на која е предвиден објект со намена А2-домување во станбени згради, со приземје, 26 ката и поткровје (П+26+пк) и висина од 88 метри.

Фокус се обрати и до градоначалникот Јакимовски и до Општина Карпош, со прашање дали е поднесено барање за издавање на одобрение за градба, како и кои се причините поради кои најавува дека нема да потпише таква дозвола, доколку барањето се однесува за вцртана маркица во важечки ДУП?

Исто така, прашавме зошто тој во овој случај зазема сосема спротивен пристап и став од оној со изградбата на бензиска пумпа близу салата Борис Трајковски од страна на нафтената компанија „Пуцко Петрол“ на семејството на пратеникот Исмаил Јахоски?

За потсетување, Јакимовски апелираше да се донесе ДУП-от за делот каде требаше да се гради бензиска, со цел општината да не плаќа оштета од 15 милиони евра кон инвеститорот, кој тужеше бидејќи кога го купувал земјиштето на него била вцратана маркица, но потоа планот беше поништен од страна на Уставниот суд.

Како што е познато, по апелите на градоначалникот и на Државното правобранителство, сите советници освен оние од Левица и „зелените“, го изгласаа планот, што се случи на ист ден кога судот донесе пресуда во корист на компанијата, по што сега случајот во жалбена постапка.

Имајќи во предвид дека планот за висококатниците не беше еден од поништените планови и активен е до ден денес, дали Јакимовски со најавите дека нема да додели одобрение за градба сега самиот ризикува тужба од инвеститорот?

Во однос на овие и други прашања, досега не добивме одговори од Општина Карпош, чиј градоначалник Јакимовски деновиве обелодени дека се соочуваат со тужби и опомена пред тужба од повеќе компании.

Влатко Стојановски

Поврзани новости