Карлеуша главна ѕвезда на Тиквешки гроздобер, Јанчев откри кој е најскапо платениот пејач

by fokus

Турбо фолк ѕвездата Јелена Карлеуша ќе ги забавува присутните на манифестацијата Тиквешки гроздобер 2022 во Кавадарци на 11-ти септември, ден предвиден за карневалско дефиле, информира кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Пред Карлеуша, настап на градскиот плоштад ќе има и Амадеус Бенд.

Три дена забава и богата културна програма најавуваат од општината, во очекување на голем број на посетители од целата земја.
Во петок, на деветти септември ќе има гостувања на диџеји, а пак во сабота на градскиот плоштад ќе настапат Игор Џамбазов и Гуру Харе, Огнен Здравковски и Харис Џиновиќ.

-Секоја музичка ѕвезда си има свој ценовник, во зависност од локацијата на настапот. На пример, Ацо Пејовиќ кој сега е доста популарен, за настап во клуб, каде се наплаќаат влезници бара 18.000 евра, додека пак за настап на отворено, во случајов градски плоштад, неговиот хонорар изнесува 45.000 евра. Пред четири години Цеца Ражнатовиќ пееше во Кавадарци за 37.000 евра, пред три години Здравко Чолиќ настапи за хонорар од 50.000 евра, Јелена Розга за 14.000 евра.
Хонорарот на Карлеуша е 35.000 евра. Дино Мерлин е најскап, бара 150.000 евра, здравје, во 2025 на завршување на мандат би можеле да го поканиме – се пошегува Јанчев.

Поради пандемијата со корона вирус, манифестацијата не се одржа минатите две години, но пред тоа, кога гостуваа балкански популарни пејачи, според информација од општината, во градот за три дена имало над 120.000 посетители.
Се продавале над 30.000 литри вино, во тек на тридневниот настан.

Според градоначалникот, популарните музички имиња носат и голем број на гости од страна, што секогаш е во полза на општината.
Буџетот на Тиквешки гроздобер годинава е 10,5 милиони денари, од кои една половина се општински средства, а пак другата половина е обезбедена од спонзори, односно општествено одговорни компании.

Вики Клинчарова

Поврзани новости