Дали Јакимовски има друг фаворит за висококатница во Карпош, прашува сопственикот на земјиштето

Кочо Стојчески, сопственик на Специјал Градба, која го поседува плацот кај поликлиниката Букурешт каде урбанистичкиот план предвидува изградба на висококатница, во допис до Фокус го обвинува градоначалникот на Карпош за незаконско постапување и бара реакција од надлежните институции.

by Фокус 18:39
18:39

Откако го објавивме текстот „Чии интереси попречи високатницата во Карпош, која веќе предизвика и политички земјотрес“, се огласи Кочо Стојчески, сопственик на градежната компанија „Специјал Градба“, која го поседува земјиштето покрај Партизанска, каде всушност градоначалникот Стевчо Јакимовски најавува дека нема да дозволи изградба на висококатница, иако таа е предвидена со важечки Детален урбанистички план.

Како што открива Стојчески за Фокус, тој остварил неколку средби со градоначалникот Јакимовски, кои, тврди тој, завршуваат со согласност за градба на истата локација од страна на градоначалникот, како и учество на претставници од Општина Карпош во изработката на идејното решение за објектот.

Меѓутоа, посочува Стојчевски, после овие средби Јакимовски во неговите јавни настапи споменува имиња на лица и фирми кои немаат никаква врска со локацијата, без притоа да ја спомене неговата “Специјал Градба“, иако, како што нагласува сопственикот на фирмата, градоначалникот знае дека договорот е потпишан со нив и знае дека тие се носители на проектот.

Градоначалникот на Општина Карпош во неговиот јавен настап на подкаст на веб порталот “Инфомакс” сигурен во себе и одлучен потенцира дека, цитирам: „Јас нема да дозволам, додека сум јас градоначалник на тоа место, да се изгради таква зграда, 28 ката, мој потпис на тоа нема да ставам“.

 

Но, малку подоцна во неговото излагање потенцираше и произнесе различен став и рече: „Таа зграда ќе биде во деминутив, односно зградичка“, со што изрази нејасни ставови и ја збуни јавноста.

 

Целото излагање на градоначалникот Јакимовски во подкастот, заедно со водителот, споменуваа имиња на лица и фирми кои немаат никаква врска со локацијата, но никако не ја споменуваат “Специјал Градба”, иако градоначалникот знае дека Договорот е потпишан со нас и знае дека ние сме носители на проектот.

 

Кога велам дека со сигурност знае дека Договорот е потпишан со нас, тоа и го тврдам, од едноставна причина што јас, како сопственик на “Специјал Градба” во периодот пред да ги изнесе овие ставови јавно, најмалку 3 пати имам остварено средба со градоначалникот Јакимовски и тоа со точка на дневен ред токму на оваа тема.

 

Сите разговори завршуваа со согласност за градба на истата локација од страна на градоначалникот, како и учество на претставници од Општина Карпош во изработката на идејното решение за објектот.

 

Се со цел да направиме објект кој ќе биде урбанистички и естетски пример за Карпош, што всушност е и наша мисија како компанија која има цел да гради проекти кои се вклопуваат во хуманиот развој на живеење во општината“, вели Стојчески.

Притоа, тој додава дека не може да најде ниту едно логично и законско образложение на ваквите ставови на Јакимовски, па затоа, како што нагласува, сака јавно да изнесе неколку заклучоци и воедно да постави неколку прашања, меѓу кои е и дали Јакимовски, како што вели Стојчески, има друг фаворит кому сака да му овозможи да гради на споменатата локација?

„Прво, ова е прв случај во Македонија каде што градоначалник е против ДУП кој сам го има предложено и е донесен во негов претходен мандат 2013 година.

 

Второ, Јакимовски очигледно сака да наметне дека е единствен градоначалник кој е убеден дека буквално се зависи од неговата добра волја, а не од законите и подзаконските акти, кои е должен да ги спроведува. Или, да поедноставам за граѓаните, дали ова е единствена општина, на чело со единствен градоначалник, каде што одлуките на градоначалникот зависат од тоа дали „Јосип Броз е жив или не и дали ќе стане“?

 

Трето, зачудувачки, дури едноставно неверојатно и трагикомично е за еден градоначалник кој во налет да ги оправда своите незаконски постапки со некакви полукрими серии, изнесува шпекулации како некој нему или на некого се заканувал, ама тој се тоа машки ќе издржел само за доброто на неговите граѓани, кои сепак на крајот ќе треба да платат штета која бранејќи ги ја нанел на повеќе компании, заради план кој што тој го предложил и усвоил?

 

Четврто, дали во ваквиот однос на градоначалникот се крие желбата тој лично да диктира кои компании можат да градат во неговата општина и каде, без разлика чија сопственост е тоа или било кое земјиште? Каде е тука заштитата на интересите на чесните компании кои немаат поврзаност со него, а имаат сериозни идеи и проекти кои тој самиот ги усвоил во планот за градење?

 

Петто, дали градоначалникот има свој фаворит за предметната локација на кого има издадено веќе извод од ДУП по кој е започнато да се прави проект за изградба на објект на истата локација?

 

Шесто, дали мислите дека ги злоупотребивте Вашите службени овластувања и положба со најавите каде што парафразирано и потенциравте на јавноста и нам дека надвор од донесен ДУП, надвор од закон вие нема да одобрите градба на 28-катница на таа локација?“, прашува Стојчески.

Тој најавува дека ќе ги бара правата пред надлежните судски инстанци, истакнувајќи дека неговата компанија нема да дозволи да биде вмешана во „дневно политички игри за остварување на лични амбиции и интереси“ и „во барабанот на политичкиот рекет“.

Воедно, тој ги повикува Државната комисија за спречување на корупција и Овбинителството за организиран криминал да се вклучат и активно да го следат овој процес и да ги истражат сите дејствија преземени од градоначалник во Општина Карпош, во врска со предметната парцела во делот на урбанизација и дооформување на парцелата.

Како што пишуваше Фокус, „Специјал Градба“ минатиот месец склучи договор вреден 13 милиони евра за земјиштето околу 3.500 квадратни метри помеѓу бензиската пумпа на Макпетрол и поликлиниката Букурешт со компанијата „Делта 2015 Констракшн“ во сопственост на „Орка Холдинг“ на семејството на Орце Камчев.

ШТО ПРЕДВИДУВА ПЛАНОТ?

Инаку, овој објект е предвиден со ДУП-от за Градска четврт 305 помеѓу бул. Илинден, 8-ми Септември, Партизански одреди и Љубљанска, во кој стои дека две катастарски парцели вцртана е една градежна парцела со број 6.1, на која е предвиден објект со намена А2-домување во станбени згради, со приземје, 26 ката и поткровје (П+26+пк) и висина од 88 метри.

Овој план е донесен во 2013 година, кога градоначалник беше токму Јакимовски, кој сега најавува дека нема да потпише одобрение за градба на објект вцртан токму со овој план.

Тоа е спротивно на неговите досега прокламирани ставови дека треба да се носат планови за да се решаваат проблеми, додека донесените планови мора да се реализираат и почитуваат, бидејќи во спротивно општината се соочува со тужби.

Влатко Стојановски

Поврзани новости