Ја направиле ќерката една година помала за да добијат додаток за четврто дете, кривична за родителите, гинекологот и социјалниот работник

by fokus

Кривична пријава е поднесена против родители од село Врапчиште за дубара со лажирање на годината на раѓање на нејзината ќерка, со цел да добијат додаток за четврто дете. На овој начин го оштетиле буџетот на држава за 14.301 евра. Кривична пријава е поднесена и против гинеколог и социјален работник од Гостивар.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи 52-годишниот татко Х.Н. и 30 годишната мајка Х.Р. од село Врапчиште шест години бесправно добивале додаток за четврто дете.

„При поднесување и обновување на документација за право на родителски додаток, употребиле извод од матична книга на родени на име на девојче родено 20.09.2009 година, којашто била родена 20.09.2008 година, со цел користење на правото на родителски додаток за четврто дете што стапил на сила од 01.01.2009 година“, велат од Министерството.

Гинекологот, од Приватата здравствена установа „Гинеко-мед“, се товари за кривично дело „злоупотреба на службената положба“.

„Третопријавената, Г.М. како одговорно лице во „Гинеко-мед“ на  22.12.2009 година  и  11.05.2012 година,  пополнила, потпишала, издала и заверила специјалистички извештај, во кој што било наведено дека  второпријавената се породила со четврто дете на  20.09.2009 година, и дека ги извршила сите контроли во текот на бременоста во 2009 година“, велат од МВР.

М.Г. пак, како социјален работник во Меѓуопштински Центар за социјална работа–Гостивар, при прием на документација од прво и второ пријавените, во период од 2009 до 2015 година, им изготвувала решение на родителите за остварување на родителски додаток за четврто дете, без да изврши увид и детална контрола на регуларноста на примената документација.

 

Поврзани новости