Израелската војска ослободи двајца заложници во Рафа, Хамас ги киднапираше пред 128 дена

by Fokus

Израелската армија ослободи двајца заложници за време на рацијата на нејзините специјални сили синоќа во Рафах на југот на Појасот Газа. Заложниците биле однесени во болницата Шеба во централен Израел, каде што биле прегледани и потврдено дека се добро.

Двајцата ослободени заложници, Фернандо Симон Марман и Луис Хаар, емигрирале во Израел од Аргентина, што го потврди и аргентинскиот претседател Хавиер Мајли, кој на социјалната платформа Х им се заблагодари на израелските одбранбени сили, Шин Бет и на израелската полиција за успешната операција на ослободувањето.

Заложниците беа киднапирани на 7 октомври за време на упадот на Хамас во јужниот дел на Израел, кога членовите на таа палестинска милитантна група убија околу 1.200 луѓе, главно цивили, а киднапираа околу 200 и ги одведоа во Газа.

Според извештајот на внатрешните израелски одбранбени сили (ИДФ), цитиран од Њујорк Тајмс минатата недела, повеќе од една петтина од преостанатите заложници кои ги држеше палестинската милитантна група Хамас во Појасот Газа се мртви.

Според ИДФ, најмалку 32 од преостанатите 136 заложници загинале.

Вооруженото крило на Хамас, Бригадите Ал Касам, вчера објави дека двајца израелски заложници биле убиени во израелски напади во изминатите 96 часа, а осуммина биле тешко ранети.

Поврзани новости