Издадени 894 решенија на позитивни од Ковид 19 и 2.177 решенија за контакти, поништени само за тие што доаѓаат од странство

by Fokus

Во последните седум дена издадени се 894 решенија за позитивни на Ковид 19 за домашно лекување и самоизолација и дури 2.177 решенија за здравствен надзор и самоизилација по основа на контакти, потврди за „Фокус“ директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат доктор Ирина Бухова.

„Само во последните седум дена се издадени толку решенија за позитивни и решенија за здравствен надзор по основ на контакти“ – вели доктор Бухова.

Веќе подолг период, надлежните институции се соочуваат со проблеми како да им ги достават решенијата на дел од граѓаните по било кој основ, па денеска се очекува за првпат според Законот за општа управна постапка да бидат објавени имињата и презимињата на 138 лица кои не ги примиле решенијата.

Владата вчера информираше дека се поништени решенијата за самоизолација на тие што доаѓаат од странство со негативен ПЦР и од карантин со исто така негативен ПЦР.

„На 25.06.2020 година, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, согласно член 136 став 1 алинеја 4 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 124/15 и 65/18) донесе Одлука со која го запира извршувањето на сите негови решенија донесени во периодот од 13.06.2020 година до 25.06.2020 година за ставање на лица под здравствен надзор и домашна изолација кои влегле во Република Северна Македонија со негативен ПЦР тест на КОВИД-19 и потпишана изјава, како и решенијата издадени за лица кои се ослободуваат од државен карантин со негативен ПЦР тест на КОВИД-19, по нивното враќање во Република Северна Македонија, од земја со висок/среден ризик за КОВИД-19, а спроведените дејствија по истите решенија се поништуваат, информираа вчера од владата.

Ирена Мулачка

Поврзани новости