Ивона Талевска набрзо ќе седне на обвинителна клупа бидејќи Кривичниот суд го одобри обвинението на Специјалното јавно обвинителство за предметот „Тифани“ во кој Талевска е обвинета за даночно затајување.
-Судија за оценка на обвинител акт при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по оценка на обвинение на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ( СЈО ) НСК – КО 8/17, од обвинителството означен како „Тифани“, донесе решение со кое приговорите се одбиваат, а обвинението се одобрува во целост. Откако, по одобреното обвинение, ќе биде оформен кривичен предмет, распределен кај судија за понатамошно постапување и насрочена главна расправа, судот дополнително ќе ја информира јавноста, информираа од судот.
Според обвинението, Талевска за периодот од 2008 до 2014, со намера таа и правните лица Смарт центар ДООЕЛ експорт импорт Скопје и агенцијата Смарт, да одбегнат плаќање даноци, давала лажни податоци за фактите кои се однесуваат за пресметување данок. Наводно, фирмите на осомничената одбегнале да платат даночни обврски во износ од 37.634 евра, а осомничената одбегнала да плати даночни обврски во износ од 16.924 евра.
Според СЈО, таа за наводните потреби на фирмите купила долна облека од 500 евра, облека во износ од 33.508 евра, очила, шминки за 1.009 евра, луксузен мебел, сигурносни врати, велосипеди и слично.