Ивановска за „Фокус“: Изгубивме проект оти Заев не нѝ обезбеди услови, со Ковачевски сме немале средба

by fokus

Државната комисија за спречување на корупцијата на чело со претседателката, Билјана Ивановска во минатите пет години отвори постапки и за поранешниот премиер Зоран Заев, а за актуелниот Димитар Ковачевски се уште нема предмет. Ивановска во интервју за неделникот „Фокус“ зборува за соработката со поранешниот премиер, но и со сегашниот..

Разговараше: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

 ФОКУС: Каква Ви беше соработката со поранешниот премиер Зоран Заев?

ИВАНОВСКА: Од поранешниот премиер Зоран Заев, во јуни 2019 година побаравме владата да ни обезбеди работен простор и човечки ресурси за ДКСК, што, меѓу другото, во тоа време, беше и услов преку проект од УСАИД да добиеме поддршка за обезбедување софтверско решение за електронско поднесување на анкетните листови. До октомври 2019 година, овие услови не беа исполнети, а проектот се повлече од поддршката поради неисполнетите погоре споменати услови и кратките рокови за реализирање на постапката за обезбедување на софтверот. Како што знаете, просторот во кој требаше да се пресели ДКСК, кон крајот на 2020 година е доделен на Министерството за политички систем, а новите простории за ДКСК се обезбедија во јуни 2021 година.

ФОКУС: Каква е соработката со сегашниот премиер Димитар Ковачевски?

ИВАНОВСКИ: Со сегашниот премиер Димитар Ковачевски не сме имале работни средби.

ФОКУС: Додека беше премиер, отворивте и неколку постапки против Заев.

ИВАНОВСКА: Во текот на 2019 година отворивме неколку предмети поврзани со тогашниот премиер Зоран Заев, и тоа за бугарските фирми, за „Глобал“, за земјиште во касарна, за грчки фирми, но наодите не се потврдија. По годишната програма се проверуваше и имотната состојба, при што не се утврдија неправилности.

ФОКУС: За актуелниот премиер Ковачевски не отворивте постапка за случајот „Броило“.

ИВАНОВСКА:  ДКСК работеше по предмет оформен по пријава против премиерот Димитар Ковачевски поради постоење основано сомнение дека во својство на заменик-министер за финансии и како мандатар за избор на нова влада, можел да влијае врз исплатата на државна помош кон фирмата „Пиксел Груп“, основана од него и неговиот кум, а подоцна во посед на неговиот кум Горанчо Паунов, со кој има финансиски интерес, па оттука има однос на блиско лице.

ФОКУС: Што констатиравте?

ИВАНОВСКА: Врз основа на доставените податоци, се констатира дека Димитар Ковачевски, сметано од 23.9.2020 година ја извршува функцијата на заменик-министер за финансии, а одлуката во врска со објавениот јавен конкурс за доделување државна помош е донесена на 10.3.2020 година, додека, пак, Договорот е склучен на 13.8.2020 година, односно пред да стане заменик-министер.

Оттука, ДКСК утврди дека конкурсот е објавен, одлуката е донесена и договорот за доделување средства е склучен пред Димитар Ковачевски да стане заменик-министер, па оттука не може да се примени член 52 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

ФОКУС: Сметате ли дека функционерите на власт се недопирливи за институциите на прогонот? Дали притисоците и корупцијата се причина што не се процесуираат случаи против нив?

ИВАНОВСКА: Ако се има предвид дека политичките влијанија се највисок ризик од корупција, очигледно е зошто функционерите се недопирливи. Дотолку повеќе сведоци сме како со молскавична брзина, по скратена постапка и употреба на европското знаменце, се донесе Кривичниот законик, без при тоа да се обезбеди широка јавна расправа, експертска дебата ниту анализа на последиците од ова законско решение. Со измените во Законот не се придонесува кон зајакната борба против корупцијата и организираниот криминал, напротив, се зголемува ризикот од политички пазарења и трговија со влијание, со што сериозно се загрозува правната сигурност во државата.

ФОКУС: До каде е набавката на софтверот за електронско поврзување на институциите и кој го финансира?

ИВАНОВСКА: Софтверот за електронско поврзување на институциите е подготвен и веќе подолг период е во фаза на тестирање. Очекувам до крајот на оваа година да се стави во употреба. Инаку овој софтвер се изработи преку ИПА проект на ЕК.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

 

Поврзани новости