Иванов: Македонија е во најранливите региони од климатските промени

by fokus

Република Македонија припаѓа на еден од најранливите региони во светот по прашањето на климатските промени. Покрај правилата за ублажување на климатските промени,одлуките за климатските промени би требало да опфатат и адаптација на засегнатите сектори. Мора да постои еднаквост меѓу ублажувањето и адаптацијата. Ова е особено важно во контекстот на финансиите, истакна претседателот Ѓорге Иванов, во своето обраќање на Самитот за климатски промени COP 24, што се одржува во Катовице, Република Полска.

Република Македонија, како што рече тој,  во континуитет го усогласува начинот на известување со стандардите на Европската Унија.

-Но, дури ни тоа не е доволно. Додека говорам тука, многу мои сограѓани дишат воздух кој е еден од најзагадените во Европа, додаде Иванов.

Според него, мора да се воспостави круг на доверба меѓу политичарите, научниците, претприемачите, наставниците и активистите, затоа што, како што вели „ не се натпреваруваме еден против друг, туку заедно како тим“.

-Енергетскиот сектор, земјоделството, транспортот и градежништвото треба да го земат глобалното затоплување предвид. Ова е неопходно за здравјето на луѓето, особено за најранливите категории. Следствено, нашата трајна заложба мора да биде зелен раст и развој и помали јаглеродни емисии. Но, тоа ќе биде возможно само ако создадеме зелени работни места. Затоа, ја поддржуваме Шлезиската декларација за солидарност и праведна транзиција која се однесува на преквалификацијата на работната сила, истакна во обраќањето претседателот Иванов.

Поврзани новости