Претседателот Ѓорге Иванов, во своето годишно обраќање во Собранието, се осврна на Законот за амнестија и ја праша власта: Која е разликата меѓу моите помилувања и вашата амнестија?
Според него помилувањата со кои аболицираше десетици осомничени функционери во предмети на СЈО, имале цел да донесат помирување, додека амнестијата, рече Иванов, е со цел уставни измени преку уценување.
-Јас донесов помилување за да се спречи хаос, вие за да ги озаконите уцените со кои се создава хаос и се руши правната држава. Моите помилувања не вклучуваа спречување на конфискација на незаконски стекнат имот, вашата е само уште еден преседан за уцена – рече Иванов.
Тој објасни дека Законот за амнестија сепак го потпишал, но не заради мнозинството, или луѓето кои биле опфатени.
-Го потпишав за да ги разоткријам вашите вистински цели и намери, го потпишав и поради патриотите чија љубов кон татковина беше злоупотребена. Законот нека биде сведоштво за двојните стандарди – рече тој.
Претседателот повторно ги демантираше тврдењата за негово учество во настаните од 27 април. Рече дека немало никакво сценарио за прогласување воена состојба, во случај, како што рече, ако не постоел паралелен генералштаб и ако некој не го злоупотребил неговото име за свои цели.
За самиот упад во Собранието рече дека политичкото насилство родило физичко насилство.