Исти респираторни маски се купувале по различни цени, едни за 9,73, други за 41 денар

by Fokus

Сите болници, министерството за здравство, ковид центрите набавувале маски, ракавици по различни цени, со што ковид пандемијата уште еднаш го покажа грдото лице на лошо поставениот здравствен систем, каде што освен што починаа повеќе од 9.000 пациенти, се отворија можности за значителни ризици од корупција.

Тоа го покажува и последниот извештај на Центарот за граѓански комуникации, каде на вкупно 28 страни е објаснето како ризиците од корупција се зголемија во вонредната состојба предизвикана од пандемијата со корона вирусот.

Така, не само што доминираа тендерите со директно преговарање, туку во најголем дел од нив се преговараше со една фирма. Дури долго по избивањето на кризата имаше огромни разлики во цените што различни институции ги плаќаа за сосема исти производи.

ОГРОМНИ РАЗЛИКИ ВО ЦЕНИТЕ НА РАКАВИЦИТЕ

Овој извештај е изработен врз основа на мониторинг на 40 постапки за јавни набавки на стоки, услуги и работи за заштита од ковид-19, чии договори се склучени во првото полугодие од 2021 година, односно од 1 јануари до 30 јуни 2021 година.

Опфатените 40 постапки претставуваат 38 отсто од сите тендери за ковид-19 во периодот на мониторингот (вкупно 106 тендери). Вредноста на мониторираните тендери изнесува 5,7 милиони евра, што е 36 отсто од вредноста на сите тендери во анализираниот период (15,7 милиони евра).

„Цените на набавените стоки се највисоки онаму каде што имало само една понуда или останала само една понуда по исклучувањето на другите во фазата на евалуација, се наведува во извештајот на ЦГК.

Па така, според извештајот, Кабинетот на претседателот набавил 3.000 ракавици по цена од 2,43 денари, а за што имало 11 понуди, додека пак скопската Клиника за Урологија набавила 120.000 ракавици по цена од 6,49 денари, а на тендерот се пријавиле само две фирми. Исто така, Царинската управа набавила 300.000 ракавици за еднократна употреба по цена од 9.44 денари, а цената уште повеќе расте и стига до 11,21 денари при набавката на нитрални ракавици од прилепската Општа болница, а на тендерот конкурирала само една компанија.

Оваа состојба најдобро ја отсликуваат тендерите за набавка на ракавици, во коишто онаму каде што имало конкуренција ракавиците чинеле 2,43 денари, а во тендери во коишто е добиена само една понуда ракавиците достигнале цена од 11,21 денар“, продолжува понатаму во извештајот на ЦГК.

Тоа што уште може да се забележи  е дека клиниките или ковид-центрите кои имале потреба од исти ракавици имаат сосема различен опис на ракавиците што ги набавуваат и оттука произлегува дека купуваат сосема различни ракавици со големи разлики во цените.

На сличен начин е и со набавката на респираторни маски, поточно помала количина се набавувала по поевтина цена, а додека поголема количина на ракавици се набавувале по многу повисоки цени.

„Најчесто не постои зависност помеѓу цената и количината на набавените производи во смисла на тоа за поголема количина да се постигнуваат пониски цени и обратно.

 

Па така, 5.000 респираторни маски N95 се купувани по цена од 9,73 денари, а 60.000 вакви маски по цена од 41 денар“, продоклжува понатаму во извештајот.

Тоа што е уште пострашно, е дека во договорите за јавни набавки, фокусот се става врз материјално-финансискиот аспект, а многу помалку врз квалитетот на примените предмети на набавка.

Ирена Мулачка

Поврзани новости