Исти… Исти… Исти

by fokus

Разликата меѓу едните и другите, сегашниве и претходниве и нивните овци и ботови, освен во аголот на гледањето и објектот на нападот, речиси и да не постои. И едните и другите се подеднакво слепи, глуви и глупи за реалноста и подеднакво корумпирани и нафатирани со државни и народни пари 

Звонко ДАВИДОВИЌ

Доаѓа таков свет, во кој секој ќе биде сомнителен, кој е убав и талентиран и кој има карактер. Убавината ќе биде навреда, талентот провокација, а карактерот – атентат. Бидејќи доаѓаат тие… грди, неспособни, бескарактерни. Убавината ќе ја потурат со витриол, со катран и клевета ќе го премачкаат талентот, ќе го прободат срцето на оние со карактер Шандор Мараи.

И навистина дојде таков свет, таков начин на живеење и размислување, таков систем на вредности и морал. Утрата почнуваат со црнила, плукања, подметнувања, навреди и бљувотини, деновите ечат и брујат од глупостите на партиските ботови и скотови, а ноќите се исполнети со измислени пикантерии, шизофрени и изопачени постови и пораки на психопати кои себеси, својот живот и своите црнила ги отсликуваат во секој збор.

Дојде таков свет, во кој талентот, знаењето и умеењето се ерес и навреда за оние тапите, кои со години не го вклучиле мозочокот и кои не мислат со своја глава, туку мислат со главата на лидерот преточена во партиски соопштенија. За нив вистината не е важна, ниту фактите, за реалноста очите им се затворени и единствено знаат да блеат во стадо како овци извикувајќи ја паролата на својот пастир.

ПАСТИРИ КОЛКУ САКАШ

А, пастири колку сакаш затоа што и овци има колку сакаш, блеат ли блеат во духот на жигот што го носат, втиснат од стопанот. И доволно е една лага да ја повторат неколкупати и лагата станува вистина, а вистината лага.

Не е важно што одвај крпат крај со крај во месецот, што работат за милостиња, што им се сè повеќе работи недостапни, што живуркаат, важно е по секоја цена да се брани неодбранливото, да се правда она што не може да се оправда. Не е важна вистината, важна е лагата, која мораат да ја повторуваат по директива, заради интерес, заслепеност или глупост, да ја повторуваат толку многу што и самите ќе поверуваат во неа, сè додека не стане нивна вистина.

Слепи се за сè што може да добие призвук на лошо за нивниот пастир и партиската врхушка, слепи се за сè што е лошо и што не чини, слепи се за криминалот и корупцијата на нивните лидери, слепи се и за сопствената положба и кал во која се наоѓаат. Нема место во нивната перцепција поради испраниот мозок за реалните состојби и проблеми.

Затвораат очи дури и кога мораат сами да купуваат конци и игли за операција затоа што ги нема во болниците, да примаат вакцини во странство затоа што ги нема кај нас, да плаќаат по десетици илјади евра во приватните болници затоа што јавниот здравствен систем е разнебитен со децении.

Слепи се за дупките по улиците, катастрофалниот јавен превоз, немањето водовод и канализација во дел од градските и во најголем број на руралните средини. Ги величаат и глорифицираат недоветните кои го разнебитија здравството, образованието, културата, правосудството, стопанството, оние кои се збогатија на грбот на граѓаните и државата со корупција и криминал.

ПЛУКААТ ПО СЕ И СЕКОГО

Плукаат по сè и секого кој мисли поинаку, примитивно и простачки се обидуваат да ја префрлат вината на претходните. Коментарот дека оние што се сега на власт не можеле сè да набават и средат е смешен по 5 години владеење, во кои не направија ништо, освен што продолжија таму каде што претходните застанаа.

Подеднакво е смешен коментарот на оние, кои не се на власт, а до вчера биле, дека тие направиле барем нешто правејќи се слепи и глуви за состојбата што им ја оставија на сегашниве – разнебитена и заробена држава, која ја напуштија и ја напуштаат младите како катастрофално место за живеење.

Разликата меѓу едните и другите, сегашниве и претходниве и нивните овци и ботови, освен во аголот на гледањето и објектот на нападот, речиси и да не постои. И едните и другите се подеднакво слепи, глуви и глупи за реалноста и подеднакво корумпирани и нафатирани со државни и народни пари.

Не е ни чудо што извикувајќи ги своите пароли, без оглед за кого се работи и како се нарекува, сите тие, национал-исти, реформ-исти, социјал-исти, ројал-исти, унитар-исти, интегр-исти и уште којзнае какв-исти, создаваат еднакво ехо, кое во далечините еднакво и звучи исти, исти, исти…

Поврзани новости