Истата медицинска сестра по вторпат краде цитостатици од Онкологија, по првата кражба била вратена за шест месеци на работа

by Fokus

Медицинската сестра, која пред неколку дена беше фатена дека крадела ампули на скопската Клиника за онкологија е истата таа која пред неколку години беше фатена како краде цитостатици и за која веќе еднаш е поведена постапка, неофицијално дознава „Фокус“.

Според нашите информации. се уште нема никакви податоци до каде е претходната постапка. Но, Законот за работни односи налага да се врати на работното место, откако претходно била суспендирана.

„Значи, нема избор. Истата медицинска сестра беше фатена пред три години како краде цитостаици, тогаш беше покрената истрага и како заврши и дали заврши не знаеме.

 

Сепак, според Законот за работни односи може да поминат само шест месеци и додека не има судска пресуда мора да се врати на работа“, потврдија нашите извори од клиниката.

Како што веќе објавивме, пред три дена полиција влегла на скопската Клиника за онкологија, каде ја лишиле од слобода 28-годишната А.О., која наводно крадела ампули од болницата, каде што десетина години била вработена.

Таа се терети за сторено кривично дело „послужување“ казниво по член 240 од Кривичниот законик“.

Веќе подолг период на скопска Онкологија постојат проблеми со кражба на цитостатици, кои  служат за болните пациенти од тешки видови на карцином.. Последниот ваков настан беше пред три години, кога истата медицинска сестра за која уште тогаш објави „Фокус“  по втор пат краде ампули и против неа е поведена уште една истрага.

Нашите извори тврдат дека на Клиниката за онкологија е развиена цела шема на крадење и препродавање на цитостатици, што веќе одреден период се испитува.

Поранешниот министер за здравство Беким Сали лани нареди ревизија на работењето на сите клиники, меѓу кои и на скопска Онкологија.

Тој тогаш побарал од новата в.д. директорка  Виолета Клисарова, да ги провери документите за да се дознае каде завршуваат парите во оваа јавна здравствена установа, која е должник-рекордер и е во минус од над 12 милиони евра.

„Доколку се утврди дека имало недостатоци во третманот на пациентите на Онкологија, ќе се вклучат и инспекторите од ДЗСИ. Во овие активности ќе се анализира буџетот на оваа Клиника, и тоа зошто, во изминатиов период, постојано се зголемувал нејзиниот долгот.

 

Клиниката истовремено немала план како да ја обезбеди неопходната онколошка терапија и како да се надмине проблемот што сериозно ги засегал пациентите“, тврдеше Сали.

Ирена Мулачка

 

Поврзани новости