Исламски џихад објави видео на кое се гледаат двајца израелски заложници

by Fokus

Палестинската милитантна група Исламски џихад денеска на социјалните мрежи објави пропагандни видеа на кои се гледаат двајца израелски заложници во Појасот Газа.

На едното видео се гледа постара жена, а на другото момче, па израелските медиуми јавуваат дека се работи за Хана Кацир (77) и Јагил Јаков (13), двајцата киднапирани од Кибуц Нир Оз на 7 октомври годинава.

Двајцата зборуваат на хебрејски на видеата и го обвинуваат израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека ја предизвикал ситуацијата што доведе до почетокот на војната меѓу Хамас и Израел.

Според Тајмс оф Израел, ова е првпат Исламски џихад да објави снимка од заложниците што ги држи.

Речиси е сигурно дека содржината на ова и на други слични видеа е диктирана од киднаперите, наведува порталот и оценува дека станува збор за обиди за психолошка војна.

Ројтерс објави дека вооруженото крило на Исламскиот џихад соопшти дека наскоро ќе ги ослободи жената и момчето од „хуманитарни и медицински причини“ штом „се исполнат соодветните мерки“.

Поврзани новости