Иселениците во Америка организираат донаторски ручек за Сара

by Fokus

Наши иселеници во Америка организираат донаторски ручек, за помош на Сара Настеска (15) од Охрид, на која и е потребно скапо лекување.

Во недела, на 11 –ти ноември, тие ќе приредат донаторски ручек, на кој сите хумани луѓе ќе можат да донесат храна од дома, а собраните средства ќе биле уплатени на сметката за лекување на девојчето.Настанот ќе случува во црквата Свети Кирил и Методиј, во Илиноис, веднаш по завршувањето на службата, во 12 часот.

-Да бидеме хумани и да донираме за лекувањето на Сара и за охрабрување на нејзиното братче Виктор (13), кој е единствениот сроден донатор на коскена срцевина за неа. Секој кој може нека донесе било какво јадење, благо, солено, зготвено или купено, за трпезата да биде поголема. Целиот паричен придонес од ручекот ќе биде наменет за лекувањето на Сара. Во црквата има поставено кутија за донација, дојдете да помогнеме – апелираат од црквата.

Сара Настеска го крена нејзиниот роден град Охрид, но и сите хумани луѓе од земјава на нозе. Се организираат разни спортски натпревари, културни, музички и други настани, а на многу локации се поставени кутии за донации. Трансплантацијата на коскената срж е единствениот спас за целосно излекување и враќање во нормален живот на девојчето, кое е дијагностицирано со „Anemija Aplastica”.

Единствен сроден донор е нејзиниот две години помал брат. Зафатот и лекувањето чинат над 200.000 евра во специјализирана детска болница во Германија, која нуди висока успешност со низок ризик, а родителите не можат сами да ги обезбедат.

Вики Клинчарова

Поврзани новости