Интервју со Петар Богојески: Каракачанов и Мицкоски да се разберат за Гоце Делчев

by fokus 20:03
20:03

Петар Богојески, основачот на политичката платформа Македонски концепт, член во мирување и заговорник на реформи во ВМРО-ДМНЕ во интервју за „Фокус“ зборува за протестите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои беа организирани попладнево за Гоце Делчев. Во интервјуто тој на Мицкоски му порачува да седнат со Каракачанов и да се разберат за Делчев. Тој зборува и за внатрешните случувања во опозицијата и тврди дека најголем дел од членовите не ги сакаат ниту Мијалков, ниту Мицкоски. 

ФОКУС: ВМРО-ДПМНЕ попладнево излезе на протести. По двата на кои го изрази незадоволството против поскапувањето на струјата од страна на Регулаторната комисија за енергетика, денешниот ќе биде за Гоце Делчев за кој се спори во мешовитиот комитет составен од комисиите на македонски и бугарски историчари. Колку овие протести може да имаат некаков ефект или се дел од популизмот на партијата? 

- Advertising -

БОГОЈЕСКИ: Македонија созрева и во таа насока се отвораат прашања, вклучително и тоа за ликот и делото на Гоце Делчев. Ако ме прашувате дали од протестите ќе има добивка ВМРО ДПМНЕ, секако дека ќе има, но Делчев Војвода дефинитивно ќе загуби. Колку има морал во тоа да се користи „одбраната“ на Делчев, во борбата за власт? Господин Мицкоски е лидер на крилото на разблажениот болшевизам во ВМРО ДПМНЕ, без слух за искрените членови на партијата, што мислат и дали имаат подобро решение за овие проблеми, а кои се вистински загрижени за случувањата околу работата на македонско – бугарската комисија.  Јас познавам илјадници од нив, кои имаат свое мислење по овие прашања и кои не сакаат да бидат дел од фиктивни протести, со друга позадина од онаа за која наводно се организираат. Членовите прашуваат како тоа протести за цената на струјата со луѓе, кои имаат заедничка фирма во Белград, токму за трговија со струја и од која остварија милијарди приходи од скапата струја за нашите граѓани, а денес се наводно во некаков судир?!? Дефинитивно не е чесно кон искрените поддржувачи на ВМРО ДПМНЕ. Јас сите нив ги повикувам на разум и на пат кој води кон вистинско ослободување на Македонија!

ФОКУС: Дали односот на ВМРО ДПМНЕ кон историските личности може да се толкува како лицемерен со оглед на тоа дека пратеникот Антонијо Милошоски го нарече основоположникот на македонскиот современ јазик, Блаже Конески, џуџето од Небрегово?

БОГОЈЕСКИ: Непотребно е, во време кога зборуваме за великанот Гоце Делчев, да ме прашувате за џуџето Антоњо. Простете, но некои ликови во ВМРО ДПМНЕ немаат ништо заедничко со македонската Кауза на која јас и илјадници како мене, и припаѓаме. Бидејќи ова прашање се злоупотребува во двете држави, од една страна големи бугарски патриоти зборуваат дека Македонците им ја крадат историјата, а од друга страна големи македонски патриоти зборуваат дека Бугарите ни ја менуваат историјата, а и двете страни го злоставуваат името на историското ВМРО за политичка злоупотреба, најдобро е лидерите на двете партии кои за себе тврдат дека се наследнички на историското ВМРО, господата Каракачанов и Мицкоски да седнат и да се разберат за Гоце Делчев, во име на добрососедските односи и европската перспектива на Македонија! За мене Гоце Делчев е главниот инспектор за вооружување на ВМРО и основач на Четничкиот институт на Организацијата! Дополнително, господин Мицкоски може да избере дали сам ќе оди да разговара со Краси или ќе го земе Камчев за советник со себе, како бугарски конзул во обид! И онака тој го користи подарокот на Краси – „Орце на тацна“, за зацврстување на неговата лидерска позиција во партијата, преку ʺзаштитувањеʺ на Гоце Делчев.

Јас мислам дека е време да го ослободиме ВМРО во двете држави! Во овој момент тоа е измеќар на големата и убава Русија!

ФОКУС: Какво е вашето лично мислење за односот на сегашната власт кон Гоце Делчев? 

БОГОЈЕСКИ: Чувствувам голема загриженост за случувањата со имплементација на Илинденскиот договор помеѓу Македонија и Бугарија, но и на Преспанскиот. Дополнително што сега ДУИ се вклучува во тој процес, преку новиот МНР, Османи. Премиерот Заев треба да знае дека, решението за Гоце Делчев не може да помине на кванташки пазар. Пред такво погубно пазарење, најдобронамерно од наша страна е да превенираме со решение – оставинска постапка помеѓу нас Македонците и нашите братучеди Бугарите. Ние сме деленици, а тој процес во историјата е познат како македонски сепаратизам, кој бил единствено решение на тогашните околности. Како секоја фамилија, на еден сосема природен начин сме се сепарирале на два дела. Прво Бугарите мора да прифатат дека тоа било природен процес, дека македонската нација настанува по ист пат како останатите на Балканот, а не како резултат на одлука на болшевиците и Коминтерната – нивни омилени аргументи за да ја избегнат сопствената историска вина. Ние не можеме да бидеме виновни за погрешната политика на Бугарија кон Македонија и за нивните ʺнационални катастрофиʺ. Потоа, ние Македонците треба да побараме изучување на историјата, исклучиво врз база на оригинални историски извори, за нас е важно граѓаните да го запознаат Делчев преку сведоштва, писма и документи, а не врз база на историски толкувања, како за време на комунизмот.

Најопасно е што Владата на Заев, во проблемот со Гоце Делчев гледа како на можност за политички пазар помеѓу двете држави! Неговиот пристап за решавање на овој спор како меѓудржавен е целосно погрешен и ќе доведе до тоа историја да пишуваат полуписмени политички пазарџии! Во овој процес не може да бидат игнорирани македонските Бугари, особено оние кои живеат и работат во независна Македонија. Кај нив лежи одговорот на многу прашања, а многумина од нив се чесни домаќини и лојални македонски патриоти, не се сите бугараши, кои работат за туѓи бели дворови. Потребно е Заев да одговори – дали согласно Илинденскиот договор, за Гоце Делчев треба да преговараат политичарите? Ако е така договорено и ако така пишува во договорот, нека продолжи со ова тргување со историски личности. Дали после изјавата на Заев, треба да очекуваме и изјава на Борисов? Тие двајца ли се експерти за историја? Рамковната позиција на Бугарија е надвор од договорот! Како тоа дозволуваат господата Заев и Димитров да ни се нуди како анекс договор, без наша согласност и надвор од потпишаниот Илинденски договор!?! Кој предизвикува политизација само во работата на комисијата со Бугарија, а во работата на комисијата со Грција нема?!? Таму има уште поголем скандал! Некој си дозволил во име на одамна мртвите антички Македонци, да преговара какви биле, дали биле Грци или не!?! Ама тоа мудро се покрива од јавноста. Битно ги малтретираме коските на Гоце Делчев. Ќе дозволиме ли разноразни искомплексирани политиканти, кои немаат никакви идеи за иднината на сопствените граѓани и заради кое историјата нема да ги одбележи, да се прават ʺголеми патриотиʺ тргувајќи со великанот Гоце Делчев? Ајде да го поделиме по половина, како на кванташки пазар – стокова размена, и да завршиме работа!

ФОКУС: Како член во мирување и заговорник на реформи во ВМРО ДПМНЕ сигурно имате информации за случувањата внатре во партијата. Дали се точни шпекулациите дека има две крила за смена на Мицкоски, едното на Мијалков, а другото на други членови кои не сакаат Мијалков да има влијание врз раководството на ВМРО? 

БОГОЈЕСКИ: Најголемо е крилото на луѓето кои „не ги можат“ ниту Мијалков, ниту Мицкоски. Тие двајца се први другари. Всушност Мијалков го постави Мицкоски за лидер на ВМРО ДПМНЕ. Најголема грешка ќе биде ако десницата ја поделиме на 10 фракции со по 10% поддршка во јавноста. Тогаш социјалистите ќе владеат минимум следните 10 години. Ако на нив двајца тоа им е тоа целта, за да вратат кредити кај власта, мене и на луѓето кои размислуваат како мене, тоа не ни е! Јас не сум никаков заговорник, а реформите во ВМРО ДПМНЕ не беа заговор. Нас реформаторите не потврди историјата, бевме во право, а денес секој сака да биде или да се претставува како реформатор на ВМРО ДПМНЕ. Јас сум човекот кој ги иницираше и ги осмисли реформите, пред воопшто јавноста да дознае за нив, а реформите се процесот, кој ако беше поддржан, а не навредуван и квалификуван за предавнички, ќе го спасеше ВМРО ДПМНЕ од расформирање, кое е во тек! Сега е најмалку битно дали е Мицкоски или Мијалков во право! Сега е потребен процес на редефинирање на ВМРО ДПМНЕ! Само тоа ќе ја спаси партијата од целосен колапс. Тоа го посакуваат мнозинството разумни членови, кои не се согласуваат ниту со Мицкоски, ниту со Мијалков. Што значи тој процес? ВМРО ДПМНЕ откако стана движење пред неколку години, нема шанси да се врати да биде повторно нормална партија. Јас во минатото си давав лажна надеж и на себе и на членовите на партијата дека е тоа можно, наспроти научната литература, но дефинитивно заклучувам, тоа е невозможно! Реформирањето беше шанса во таа насока, но веќе во рамките на ВМРО ДПМНЕ постојат неколку блокови, како болшевичкиот, мафијашкиот, прозападниот каузален и др. и тие не може повеќе да функционира заедно во една партија. Енде! Единствено процес на редефинирање на ВМРО ДПМНЕ од партија во Унија, може да ги смири тензиите и да предизвика обединување на сите страни. Ова е значајно не само од аспект на ВМРО ДПМНЕ, туку и пошироко на опозицијата, бидејќи без таа партија не може да се организира вистинско окрупнување на опозицијата. А постоење на силна опозиција е државен интерес, со тоа и редефинирањето на ВМРО ДПМНЕ станува државен интерес.

ФОКУС: Имаше барања за вонреден конгрес во партијата, Мицкоски порача дека оставка не дава и сега сите овие повици за негова смена се стишија. Има ли некаква поврзаност на делувањето на Мијалков со актуелната власт, со оглед на тоа што му се суди во неколку случаи? 

БОГОЈЕСКИ: Нелогична е отвореноста на иницијативата за свикување на вонреден Конгрес на ВМРО ДПМНЕ за сите членови на партијата, а притоа никој да не знае што е понудата на таа иницијатива? Кој се луѓето? Што е платформата? Која е крајната цел? Исклучително е непријатно да се очекува поддршка на нешто што самото по себе не е дефинирано, ниту како понуда, ниту како кредибилитет на личностите кои ја носат таа понуда. Дали некој ќе им се извини на граѓаните и членовите за неправдите и понижувањата од минатото?!? Дали некој ќе го осуди „груевизмот“? Било кој од наводно “двете” страни во приказнава? Тој ќе ја има поддршката од нас, каузалните вмровци. Убаво е да побарате поддршка, но таа секако не може да биде наивна и безусловна! Јас имам друга идеја. Наместо конгрес, кој никако нема да заврши на добро за партијата и членовите, ВМРО ДПМНЕ ќе ја подели на минимум две партии, ако не и повеќе, да се организираат непосредни избори за лидер на кои ќе гласаат сите членови на избирачки кутии во Општинските комитети. Прво ажурирање на членство на сите кои сакаат да гласаат, а потоа Мицкоски да си го потврди мандатот на непосредни избори, доколку се решил по секоја цена да остане лидер. Тоа е пред се добро за него. Никој нема да каже дека бил наметнат од Мијалков на Валандовскиот конгрес, а ќе добие неспорно најголем легитимитет од сите лидери до сега. Конечно ќе му биде признат статусот дека е вмровец!

Лично сметам дека проблемот не е во Мицкоски! Проблемот е што Мицкоски не е слободен човек! Тој е заложник на мафијашко – полициско – разузнавачко – четнички структури, кои целосно го киднапираа. Тој не смее да даде оставка. Тоа не му е дозволено од нив! И да сака да се повлече, не му е дозволено! За тоа си е сам виновен, јас го предупредив пред две години што го чека. Не слушаше, а сега е касно! Самото тоа што тој е заложник на предметот Империја, кажува се за него. Заев не го расчисти тој предмет со цел да го поседува Мицкоски и самото ВМРО ДПМНЕ. Тој денес е господар на тие полтрони. Ако вака продолжи, не е чудно тој советски блок на чело со Мицкоски, за две години да бидат дел од бандитското здружение наречено Левица.

Сега е потребен глас на разумот. Глас на разумните членови на ВМРО ДПМНЕ. Оние членови кои влегоа во таа партија со цел да се осамостоиме од поранешна Југославија, да станеме полноправна членка на НАТО и ЕУ и со изразени антикомунистички идеи. Збунува фактот за блиските конекции на „завојуваните во ВМРО ДПМНЕ“ со структури од Белград и Москва! Кога ќе расчистиме со нив?!? Тоа е клучно за наша одлука! Ние сме за генералка, за силна опозиција и манифестирање на незадоволството од системските изопачености. Обновата на бандитизмот повеќе наликува на опозицијата во подршка на власта! Сега е потребно окрупнување на опозицијата, ама тоа Мицкоски не го разбира како идеја. Го украде од нас, а го разбра како шопинг на активисти од други партии. Колку жално и кусогледо! Во тој контекст, Мицкоски е најголемата пречка за окрупнување на опозицијата, а внатрепартиските превирања во ВМРО ДПМНЕ се исклучително значајни, бидејќи имаат влијание на целокупната политичка сцена во земјава! Денес, светската јавност на ВМРО ДПМНЕ гледа како на опозицијата во Црна Гора, проруска и антизападна опција! А додека е тоа така, Заев ќе владее. Тоа е супер позиција за него, секако договорена со Мицкоски! Токму Мицкоски му овозможи на Заев на овие избори да биде важно кој брои, а не кој гласал! Заедно одлучија да ни ги земат гласовите, со цел да спречат факторизирање на прозападна граѓанска десница во земјава, која е подеднаква опасност и за Заев и за Мицкоски! Се додека ВМРО ДПМНЕ е антизападна и под контрола на проруски елементи во партијата, Заев е комотен на власт и секогаш ќе владее! Само каузално ВМРО може да го симне Заев од власт, никако болшевичко ДПМНЕ! Во таа смисла, не гладам разлика на Мијалков или Мицкоски во нивното антиевропско поведение! И “двете” опции совршено одговараат на Заев! На политичката сцена во земјава нема автентична прозападна десница! Сите “три групции” кои се идентификуваат со ВМРО се под контрола на Заев, од кои едната е на неговите листи! За Заев е најважно да не постои прозападна десница, а останувањето на ВМРО ДПМНЕ под советска контрола му дава простор за неограничен мандат како премиер или друга позиција во власта!

Самиот молк на Груевски за случувањата во ВМРО ДПМНЕ ги потврдуваат моите сомнежи! Со цел да го заштитат Мицкоски од промена, Груевски и Протуѓер ја активираа опцијата за наводно барање на Конгрес, а сосема пресметани дека само така ќе спречат појава на вистинска иницијатива која вистински ќе го реформира и ќе ги промени политиките и актите на ВМРО ДПМНЕ! Ќе ја направи каузална партија и вистинска граѓанска опозиција. А тоа е повеќе од потребно за да се создаде реална опозиција која нема да биде под контрола на Заев!

ФОКУС: Дали би се вратиле во партијата и што ќе им порачате од оваа позиција на вашите поранешни сопартијци?

БОГОЈЕСКИ: Јас го ставив во мирување мојот активизам во ВМРО ДПМНЕ и ја промовирав политичката платформа Македонски концепт, само за да ги заштитам четирите свети букви ВМРО од злоупотреба во лични агенди и криминал! Доколку се организираат непосредни избори во партијата и се забрани учество во раководењето на лица кои имаат кривични обвиненија, а ВМРО ДПМНЕ се редефинира како Унија, тогаш секако дека ќе бидам дел од сето тоа! Ако имаме грам почит кон македонската Кауза и кон светоста на ВМРО, тоа секако ќе го направиме!

Во моментов не сум сигурен колку од барателите за промени се каузални вмровци, Мијалков и Мицкоски заедно се една страна, а ние каузалните вмровци сме другата проВМРО идеолошки определена десница! Членовите на ВМРО ДПМНЕ нека изберат кој е во право! Политиката има смисла само кога зборуваме за вредности и принципи на кои се базираат политиките, кои ги промовираме! Јас лично останувам посветен граѓански активист за создавање на силна проевропската опозиција, која се базира на идеологијата на здравиот разум и на македонската Кауза!

 

Поврзани новости