(ИНТЕРВЈУ) „Ретвитни оброк“: Делиме 15.600 оброци годишно, од кои барем половина се подготвени на заедничкото готвење!

by fokus

„Ретвитни оброк“ претставува самоодржлива иницијатива која мобилизира и помага. Споделување оброци со оние кои немаат, но и споделување енергија , мотивирање и креирање начини како да се биде корисен во општеството. Да ретвитнеш оброк значи да зготвиш, да сликнеш, но и тој оброк да заврши кај некоj кому навистина му е потребен. Ретвитни оброк е само силна потреба да направи нешто за своите сограѓани. Во продолжение дознаваме многу повеќе за оваа иницијатива од страна на Ана Голејшка Џикова и Кристијан Калинов, кои се дел од „Ретвитни оброк“.

Што претставува иницијативата „Ретвитни оброк“ и како функционира?

Иницијативата „Ретвитни оброк“ е граѓанска активност која се заложува за помалку фрлање храна, а повеќе ре-дистрибуирање на социјално загрозените и бездомни граѓани во подрачје на град Скопје. Функционира на добра волја, со тоа што секој петок се готви одредена количина храна која се пакува и потоа се носи до загрозени семејства. Можат да се вклучат и фирми, поединци, луѓе кои сакаат да помогнат и зготват. Се готви во просториите на црквата „Гласност“ каде и всушност оваа иницијатива се задржа најдолго. Имаме готвено на различни места, затоа што идејата на иницијативата беше да најдеме системско решение за градска јавна кујна во која ќе може да се готви и социјално загрозените граѓани да можат да јадат достоинствен оброк. Соработуваме со граѓанското здружение „Љубезност“, со чија помош ги споделуваме оброците низ градот.

Што ве инспирираше да ја креирате оваа иницијатива?

Инспирацијата доаѓа најмногу од желбата да се помогне и да се биде свесен дека фрлањето храна и создавањето вишок отпад од истата се голем проблем, кога станува збор за еколошката и социјална свест. Иницијативата растеше органски, секој добронамерник може да помогне, да зготви, донира или да сподели. Идејата е да го намалиме отпадот, да помогнеме на оние кои не можат да си дозволат оброк, да ја рашириме пораката и потребата од законски промени –  важно е да се искористат сите можности на безбедната храна која наместо да остане вишок и да се фрла, може да се донира.

Во последната година колку оброци биле споделени на сиромашни/бездомни луѓе?

Во просек, со „Љубезност“ заедно делиме 15.600 оброци годишно, од кои барем половина се подготвени на заедничкото готвење на Ретвитни оброк.

Колку години сте активни?

Во април годинава иницијативата наполни 8 години.

Дали на почетокот лугето кои имаа потреба од оброк гледаа со недоверба кон вас?

За да можеме полесно да стапиме во контакт со луѓето на кои им беше потребна таква поддршка, бевме дел од саботното редовно делење храна на платото на Мајка Тереза во центарот на Скопје, кадешто веќе делеа храна од „Љубезност“.  Така беше полесно да се истера целата работа, да се споделат оброците и луѓето да бидат свесни дека сме таму за да им помогнеме.

Како се смени тоа со тек на време?

Со постојани средби во саботите, луѓето се навикнаа дека доаѓаме и чекаа во ред, за секој да го добие својот оброк. Многу пати, доаѓале и до „Гласност“ за да подигнат некоја намирница или храна.

Каде ја гледате иднината на оваа иницијатива?

Идината е исклучиво доколку ваквиот тип активност прерасне во системско решение, да постојат градски организации кои ќе прават активности поврзани со едукација на населението, затоа што правиме многу ѓубре од вишок храна.Значи, приоритет е да се стави во употреба законот за спречување на уништување на вишокот храна, и нејзина пренамена во донирана храна. Односно, државата да најде механизми, а населението да добие подобар квалитет на животот, без глад и сиромаштија. Промената на законот би направил  простор за отворање на можностите за градски кујни, рециклирање безбедна храна и донација. Таква кујна примарно треба да ни биде нам на располагање, затоа што во моментов тоа ни е најитна потреба.

Каква порака би сакале да испратите до младите?

Не фрлајте храна! Споделете ја со некој што не може да си купи и дозволи. Рециклирајте, донирајте, не загадувајте.

Одговараа: Ана Голејшка Џикова и Кристијан Калинов

Ова интервју го направија група младински активисти во рамки на младинската програма за онлајн актвизизам имплементирана од Здружението за едукативен развој Еквалис во партнерство со Фокус, а поддржана од Националниот фонд за демократија, Европската младинска фондација и Советот на Европа.

Поврзани новости