Интегра ќе им го прости на ВМРО-ДПМНЕ и Левица лажниот патриотизам: Сега е време за премостување на се што не двои

by fokus

Интегра оваа недела усвои им испрати Меморандум за соработка и формирање антивладин фронт на неколку опозицски партии, за кој таа смета дека припаѓаат на „патриотскиот и национално етаблираниот опозициски политички корпус“. Меморандумот е испратен до: ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Глас За Македонија, Единствена Македонија. Исто така, Интегра им нуди соработка и на Демократскиот сојуз и ДОМ кои се дел од владината коалиција, но кои според Интегра, во јавностата се маркирале со патриотски предзнак.

Целта на Меморанудмот е соборување од власт на владата на СДСМ, избор на нова татковинска Влада на национален спас со едногодишен мандат, до редовниот термин за локалните избори 2021 година, кога би се организирале нови предвремени парламентарни избори.

Меморандумот во целост (кликнете на фотографиите за приказ во целосна големина):

 

„Фокус“ разговараше со лидерот на Интегра, Љупчо Ристовски за тоа зошто одлучиле да им понудат соработка на партии за кои претходно сметаа дека се „лажни патриоти“.

Фокус:  Дали Меморандумот го испративте до партиите и дали досега добивте одговор од некоја од партиите?

Ристовски: Да, допис со Меморандумот во прилог е доставен по пошта, скениран на емаил и јавно на прес конференција обзнаен, со повик до политичките партии кои според нашата перцепција оставиле дури и најмали маркери од корпусот на македонските национални стратегиски интереси.

Очекуваме здравиот разум да надвладее, раководствата на партиите  да се ослободат од бремето на суети, ега и од комплексот на повисока вредност и да го препознаат историскиот момент за брзопотезна реакција и мобилизација со цел покренување на нацијата за `татковинска револуција` и рушење на владата на СДС*.

Фокус: Зошто одлучивте да ги повикате на соработка и ВМРО-ДПМНЕ, со чиј лидер си разменивте сериозни обвинувања еден за друг?

Ристовски: Библиски погледнато, за се` има свое време, има време за радост и тага, време за плачење и смеа, време за битка и мир. Сега е време за ладни глави, за смирен пристап и за премостување на се` што не двои по идеолошка или политичка линија. Сега е време за раздорите да се стават под тепих, затоа што имаме повисок приоритет на политичката сцена. Соочени сме со сериозна опасност да исчезне `македонското` во татковината Македонија и да испари македонскиот национален стратегиски интерес во историски контекст. Македонскиот индентитетски корпус е под најсилна агресија од било кога. Да признаете како држава дека вашиот македонски етнички идентитет е со бугарски корен е да извршите самоубиство како народ и нација. Тоа значи да ги погазите стотиците илјади жртви во отоманскиот, илинденскиот и антифашистичкиот период. Тоа значи да плукнете во лице на се` што создавале генерации пред вас. Тоа е велепредавство, и според член 308 од Кривичниот законик. И должност е на секој еден патриот Македонец кој си го сака своето и татковината да се стави на браникот на одбраната од едно вакво флагрантнно, дрско и безобразно велепредавство.

Во оваа безвремена битка е потребна мобилизација на сите политички партии кои имаат барем малку патриотско и национално во себеси, без исклучок, независно од сите разлики и недоразбирања. Сега е време и политички моментум за поглед од повисока перспектива.

Фокус: Во Меморандумот се вели „Препознавајќи ја потребата од брзопотезна и итна реакција на патриотскиот и национално етаблираниот опозициски корпус…“. Дали со ова  ги признавате ВМРО-ДПМНЕ и Левица за патриотски партии, имајќи предвид дека до сега ги обвинувавте за лажен патриотизам? 

Ристовски:  Претходно напоменав, независно од се` претходно, сега не е време за дневни лукративни надмудрувања и е време за поглед од повисока перспектива. ВМРО-ДПМНЕ и Левица се парламентарна опозиција во моментов и јавно оставаат вербални маркери дека се против екстремистичките бугарски официјални политики на негирање на македнскиот национален идентитет.

Ние како ИНТЕГРА го препознаваме историскиот момент кога треба времено да `замижиме` пред слабостите и `лажниот патриотизам` кој во континуитет сме го препознавале кај овие партии, во име и за сметка на повисоката цел, а таа е да ја сочуваме татковината Македонија како круна на вековната борба на македонскиот народ за своја држава, своја самобитност и држава во која ќе бидеме `свои на своето`.

Соочени со дрзок и безобразен национал шовинизам на официјална Софија, со елементи на брутален фашизам, со скриен иредентизам, свесни дека е ова агресија врз се` македонско во татковината Македонија, а во услови на апизмент велепредавничка влада на СДС*, не постои друг начин освен да се осојузите во партнерство, претпоставено патриотскиот дел од политичките партии на политичката сцена во Македонија и да ја извојувате финалната битка за пад на владата на СДС* и етаблирање на нова татковинска влада на национален спас, ако сакаме да си ја сочуваме татковината. Ова е света задача и обврска на секој искрен патриот, родољуб. Поинаку и не може да биде. Во тој контекст, нема простор за лукративни идеолошки дневно политички играрии, `комплексот на повисока вредност` не врши работа, разединетоста по било која идеолошка или политичка линија не е доволен аргумент, напротив само осојузување во партнерство на основите кои ние ги понудивме со Меморандумот, можат да дадат резултат, на еден ефикасен и ефективен начин, до крајната цел. А потоа на наредни предвремени избори зекоја од партиите ќе си продолжи со идеолошко-политичките битки.

Катерина Смилева Божиновска

Поврзани новости