Илхан Ќучук: И во време на глобални ограничувања, ЕУ ја покажувa својата отвореност кон Балканот

by Fokus

Членовите на Комитетот за надворешни работи при ЕП, гласаа со силно мнозинство за извештајот во кој се содржани препораките на Европскиот парламент за проширување на Западен Балкан за време на виртуелната средба на Комитетот што се одржа денеска. Гласањето за денешниот извештај беше усвоено, по ревидираната методологија за проширување објавена од Европската Комисија во февруари.

Ова се очекува да даде нов импулс, предвидливост и динамичност во процесот на проширување, како и самодоверба на колегите земји-членки, дека нивните грижи се земени во предвид , што доведе до одлука на Советот на министри да дадат зелено светло за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

Во извештајот на препораката на ЕП се истакнува дека проширувањето е една од најуспешните политики на ЕУ што придонесува за проширување на демократијата, мирот и просперитетот низ цела Европа и дека можноста за членство во ЕУ е поттик за реформи во земјите од Западен Балкан. Се инсистира ЕУ да обезбеди јасни и постојани одредници за пристапување, континуирана поддршка и подобрено мерење на напредокот во текот на целиот процес.

„Нашата група, Renew Europe силно верува дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан треба да е успешна приказна. Реформата на ЕУ и потрагата по унапредување на патот кон иднината може и треба да оди заедно со процесот на проширување. Оваа препорака испраќа јасна поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Особено сега, кога Европа и светот се соочуваат со ограничувања поради невидената криза на пандемијата на коронавирус, ја покажуваме нашата отвореност кон регионот. Нашата цел е да обезбедиме дека засилената методологија поставува јасни и попредвидливи правила и критериуми и ги применува доследно, и дека ова води кон полноправно членство во ЕУ како крајна цел. Со одобрување на ревидираната методологија и со поддршка на одлуката на Советот за отворање преговори за пристапување и со Албанија и со Северна Македонија, Европскиот парламент уште еднаш ја покажа својата посветеност на регионот“ изјави, Илхан Ќучук, постојан известувач за Северна Македонија и заменик координатор за надворешни работи на групата „Renew Europe“.

ЕП ја потенцира потребата за подобрување на кохерентноста помеѓу процесот на проширување и политичките случувања во ЕУ, да се поттикне постепено учество во програмите на ЕУ пред пристапувањето и да се вклучат земјите членки во Конференцијата за иднината на Европа.

Поврзани новости