Состојбата со корона вирусот во светот до 13 часот

by Fokus

Според најновите податоци, во светот со новиот корона вирус досега се заразени вкупно 2.419.234 лицa. Од нив починати се 165.777, а оздравеле 633,446луѓе.

– Првпат од 5 март во Бања Лука не се регистрирани новозаразени лица со Ковид-19. Исто така бројот на оздравени е поголем од активните случаи. Во Република Српска денеска се регистрирани 11 новозаразени, со што бројот на инфицирани со Ковид-19 изнесува 545, од кои 262 оздравеле.

– Во Русија во последните 24 часа регистрирани се уште 4.268 луѓе со новиот корона вирус, со што вкупниот број се искачи на 47.000 лица. За последните 24 часа од последици од Ковид-19 починаа 44 луѓе, со што бројот на смртни случаи изнесува 400, додека оздравеле 3.500 луѓе.

– Во Норвешка во последното деноноќие забележани се 45 новозаразени со Ковид-19, со што бројот на инфицирани се искачи на 7.113 луѓе. Тоа е најмала цифра на новозаразени во изминатата недела. Во Норвешка од последици од новиот корона вирус починаа 165 пациенти.

– Во Индија денеска е регистриран најголем број на заразени со новиот корона вирус на дневно ниво откако Владата ги олесни мерките овозможувајќи продолжување на некои производствени и земјоделски активности. Во последните 24 часа регистрирани се 1.553 новозаразени лица со Ковид-19, со што бројот на инфицирани луѓе се искачи на околу 17.000, од кои 542 починале.

– Во последните 24 часа во Иран од последици од новиот корона вирус починале 91 човек, со што бројот на смртни случаи се искачи на 5.209. Иран со 83.505 инфицирани лица е најпогодена земја од епидемијата на Блискиот Исток.

Поврзани новости