Игор Узунов за „Макфест”: Фестивалот над фестивалите ќе си го врати сјајот!

by fokus

Поп пејачот Игор Узунов, кој и стана познат на јавноста во 2002 година, како еден од финалистите во М2, првата потрага по ѕвезди, за прв пат во својата кариера ќе настапи на музичкиот фестивал на забавни мелодии ,,Макфест 2018”. Иако во минатото учествувал на фестивалот како автор, годинава ќе дебитира како изведувач со песна која ја напишал пред шест години, и за која верува дека ќе стане радиски хит.

-Песната ,,Знаев сè” ја напишав уште во 2012 година. Беше желба за Скопскиот фестивал затоа што аранжмански беше скоцкана за да биде отсвирена во живо. Ја пратив на конкурс два пати на Скопски, потоа и на ,,Макфест” кога концептот му беше како фестивал со оркестар. Зошто и како беше одбивана не знам, хаха…
Со оглед на тоа што сега аранжманот и продукцијата ги среди Бертан Аслани јасно е секому дека песната е модерна, во стил на денешните најголеми хитови. Брза е и ,,вози”… Можеби на фестивалот нема да помине најдобро (барем моите очекувања се такви) но, дека ќе биде радиски хит сум повеќе од сигурен. Секој што ја слушна реагира дури и неочекувано позитивно за мене. Особено за текстот. И, нормално јас пресреќен. Сепак е мое чедо – вели Узунов.

Тој додава дека му е драго што фестивалот, кој во минатото беше еден од најреномираните во земјава и на кој настапуваа познати музички имиња од поранешна Југославија, си го враќа стариот сјај. Се радува што ќе настапи со веќе докажани музички имиња од нашата естрада, и очекува ,,Макфест” повторно да стане расадник на евергрини.

-,,Макфест” секогаш бил предизвик за мене. Знаеме дека тоа е фестивал над фестивалите и среќен сум што го враќа стариот сјај. Последните неколку години иако имаше квалитетни песни можеби поради изведувачите беше ,,паднат”… Сега веќе, кога годинава повеќе од пола изведувачи се веќе добро етаблирани пејачи, верувам дека полека ќе си го врати сјајот назад, а со тоа и песни што ќе останат евергрини. Инаку и јас како изведувач сум дебитант. Како автор веќе сум бил присутен на овој фестивал кој отсекогаш бил моја желба… Се надевам дека публиката ќе ужива а, организаторите задоволни од производот- изјави музичарот.

33-то издание на фестивалот ќе се одржи во Штип на 4-ти, 5-ти и 6-ти октомври во НУЦК ,,Ацо Шопов”. Во двете полуфинални вечери ќе настапат 32 изведувачи, по 16 на вечер, а на финалето своја шоу програма ќе има Дарио.

Вики Клинчарова

Поврзани новости