Идната недела ќе има информација дали македонските граѓани ќе може да патуваат во ЕУ, рече Димитров

by Frosina Fakova

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска изјави дека се уште трае процесот на консултации во ЕУ за тоа дали да им се дозволи влез во Унијата на македонските државјани и од кога, имајќи ја предвид состојбата со Ковид-19.

– Вчера имавме една видео средба со моите колеги од Балканот што ја реализираше еврокомесарот Вархеји. Меѓу другото, ова се дискутираше. Еврокомесарот кажа дека процесот на консултации трае, дека одлуките ќе бидат врз основа на објективни критериуми во однос на епидемиолошката слика во сите земји од Западниот Балкан. Вчера по друго прашање имав телефонски разговор и со австрискиот министер за надворешни работи Шаленберг и уште некои други извори. Мислам дека во моментов, сега е ова неблагодарно бидејќи уште нема одлука, меѓутоа во моментов малку држави од шесте од Западниот Балкан ќе ги исполнат критериумите за да бидат на таа целосно бела листа на ЕУ, меѓутоа да почекаме и да видиме, рече денеска Димитров, кој беше на партиски настан како носител на кандидатска листа во ИЕ 1 за коалицијата „Можеме“.

Европската унија, потенцирше тој, ќе донесе препорака кон земјите членки, но одлуката дали таа ќе се применува и како ќе се применува ќе биде национална односно на земјите – членки, а препораката ќе се менува и ќе се ажурира на секои 14 дена во однос на динамиката, случувањата околу епидемиолошката слика на сите земји.

-Имавме на високо работно ниво неколку контакти неделава, не од денес и од вчера, изминатава недела и уште и таму трае процес на одлучување. Не е сосем јасно како ќе пресечат и во однос на македонските државјани, меѓутоа и во однос на другите земји од регионот, така што веројатно на почетокот на иднава седмица можеби ќе имаме и конкретна информација, тврди Димитров.

Поврзани новости