Ибраими неразрешен се обиде да си го сочува местото во ДИК, Антикорупциска го одби

by fokus

Приговорот на Бедредин Ибраими од ДИК, до Комисијата за спречување на корупција е преурането бидејќи нема повреда на членот 8-а од Изборниот законик, едногласно одлучија членовите на Антикорупциска на денешната седница. Ибраими смета дека е повреден Изборниот законик кој во членот осум забранува раскинување на работен однос во институциите по распишување на изборите. Антикорупциска, пак, посочува дека иако е отпочната постапка за нов член во Државната изборна комисија, Ибраими се уште не е разрешен.

– Овде се работи за едно рационално право на политичките партии да го определуваат персоналниот состав на членовите на ДИК кој е изразено преку одредбите на Изборниот законик. И тука нема никаква повреда од страна на Собранието. Постои измени и дополнувања со кои тоа е уредено и засега никаде не наидовме на податок дека подносителот е разрешен или дека му е ускратено некое негово право или, пак, дека се работи за повреда на членот 8-а. Неспорно е дека е донесен оглас од Собранието, неспорно е дека постои измени и дополнувања на Изборниот законик и тоа е се во согласност со законот, така што сметам дека приговорот на Бедредин Ибраими треба да биде одбиен како неоснован – рече Горан Миленков, известител по овој предмет.

Во своето барање против Собранието, Ибраими наведува дека парламентот го прекшил Изборниот законик со објавување јавен оглас за нов член на ДИК. Антикорупциска го одби приговорот како неоснован.

Инаку, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата утринава го утврдија предлогот на БЕСА, за нов член на ДИК да биде избрана Емира Асани Салија, по што денеска треба да се произнесе и парламентот.

На Ибраими од ДПА со тоа ќе му заврши мандатот согласно измените во Изборниот законик кој ги донесе Собранието неодамна, а кои предвидуваат од кандидатите на предлог-листата за членови на Државната изборна комисија тројца членови да предложат политичките партии во опозиција, и тоа – политичката партија во опозиција со најголем број пратеници во Собранието предлага двајца членови, а политичката партија во опозиција со втор најголем број пратеници предлага еден член во ДИК. Партиите на власт предлагаат тројца членови на ДИК – двајца од партијата со најголем број пратеници, а еден предлага партијата со втор најголем број пратеници во Собранието. Тројца членови во ДИК, пак, се избираат на заеднички предлог од партиите на власта и на опозицијата од редот на пријавените кандидати.

 

Поврзани новости