Тодоров потрошил 135.000 евра за апаратите за отпечатоци на прсти, кои воопшто не се користат

by Fokus

Министерот за здравство Никола Тодоров неколку месеци пред заминување од функцијата набави апарати за отпечатоци на прсти во јавните здравствени установи, кои чинат 135.268 евра потврдија од министерството за здравство за „Фокус“.

– Предмет на набавката била групна јавна набавка на централен систем за регистрација на работно време за потребите на јавните здравствени установи во Република Македонија, извршен по избор на понуда од 07.10.2016. Вредноста на овој договор без вклучен ДДВ изнесува 7.050.000,00 денари. Вредноста на ДДВ изнесува 1.269.000,00 денари. Вкупната вредност на овој договор со вклучен ДДВ изнесува 8.319.000,00 денари – се наведува во одговорот од ресорното министерство. 

Од таму уште додаваат дека во министерството веќе се консултираат тим правници како и менаџментот на самите установи и согласно предложените решенија од нивна страна ќе одлучат за натамошните чекори во однос на набавените апаратчиња за отпечатоци на прсти.

Според нашите информации, овие апарати се поставени на повеќето клиники, но како што тврдат нашите извори, стојат само како декор и воопшто не се користат.

Поставувањето на овие апарати предизвика негативни реакции кај речиси сите вработени на скопските клиники, кои веднаш дадоа отпор да се воведе биометриски софтвер (отпечатоци од прсти), со што министерството ќе има пристап до нивните лични податоци, за кои се плашат дека со оглед на тоа каква е ситуацијата во државата, во секој момент можат да бидат злоупотребени и искористени за разни цели, па дури и за криминални. Тие дури најавуваа и штрајк, ако им се наметне да се користат овие апарати.

Само еден месец пред да си замине Тодоров, „Фокус“ веќе пишуваше на темата барајќи одговори колку чинат апаратите за отпечатоци на прсти, но од тогашното раководство на министерството никогаш не добивме одговори.

Тодоров уште во 2014 година ги има вметнато во измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита.

Што значи земање отпечатоци од прсти на вработените во јавното здравство? Отпечатокот од прст е биометриски личен податок, кој подлежи на најголема заштита и ваквиот начин на идентификација го користи МВР кога ги евидентира граѓаните кои вадат лични карти и пасоши. Отпечатоците служат и во истрагите за кривични дела, кога крим-техниката на МВР може да провери во својата архива, дали собраните отпечатоци од местото на настанот, на потенцијалниот сторител на кривичното дело одговараат на нечиј идентитет со кој располага МВР.

Ирена Мулачка

 

Поврзани новости