И СДСМ ни правеше притисок, ама методите на ВМРО-ДПМНЕ се пострашни

by fokus

arhiva

Текстот е објавен во 702. број на неделникот „Фокус“ на 12 декември 2008 година

Себична и алчна марионетка на политичките мрежи, кому му е најважна фотелјата, кој живее во палати, со обновен возен парк, што прави гламурозни свадби на своите деца, синдикален фирер кој сака да ја дестабилизира Владата на Груевски – тоа е описот со кој во екот на штрајкот на СОНК беше медиумски насликан Дојчин Цветановски. За разлика од невидените закани, уцени и притисоци на кои беше изложена базата, претседателот Цветановски беше само мета за лично дискредитирање. Повод за разговор со него беше токму оваа надградена и преродена шема во повеќе од 100 чекори за кршење на синдикалната борба во Македонија. Сепак, иако самиот ќе рече дека овие методи беа уште пострашни од оние што ги практикуваше владата на СДСМ, лидерот на СОНК избегнува директна критика кон владата на Груевски. Некако се почнува и завршува со медиумите и директорите на училиштата. Во секој случај, најавува кривични пријави за најгнасните клевети за него, ама истовремено и свое предвремено повлекување од лидерската позиција на СОНК. Барем, за читателите на ФОКУС ова го објасни со зборовите: ‘Не е добро некој предолго да биде на истурена позиција’.

ФОКУС И при последниот штрајк на СОНК се соочивте со една добра организирана валкана пропагандна машинерија. Целта беше јасна – да Ви го урнисаат угледот пред членството. Што најмногу Ве погоди од ваквите лабораториски приказни?

ЦВЕТАНОВСКИ Ваквите методи се користат од 2002 г. од кога сум претседател на СОНК и кога конечно почнавме да се обидуваме да создаваме вистински синдикат во државава. Јас ниту тогаш мислев дека ние така брзо ќе создадеме синдикат каков што им треба на работниците, ниту пак сега тврдам дека го направивме таков синдикатот. Но, за овие 6-7 години, сепак, дефинитивно сме отидени најдалеку во државата во обидите за создавање на такво движење. И кога ќе ги прочитав сите тие подземни шпекулации и клевети едноставно не можев да верувам дека тоа може човечки ум да го направи.

ФОКУС Не само што може, туку овие покажаа поголема креативност?

ЦВЕТАНОВСКИ Некогаш ме шокираа со приказните дека живеам на Водно, а денес веќе дека имам палати во Радишани. Еве, вие гледате каде живеам. Тука сум 26 години. Во 1980 година почнав со градба на куќата, а сега можете да видите до каде сум. На почетокот со мојата жена и со моите две мали деца цели 6 месеци живеевме во подрум, без струја и без вода. Видовте дека улицата каде што поминавте која води до ‘мојата палата’ сѐ уште не е асфалтирана и тоа е единствената улица која е останата таква. Имам грижа на совест заради уште десетина семејства кои живеат тука, а кои сите овие години се практично казнети да газат кал само заради мене. Отворено им било кажувано дека сѐ додека сум јас тука, нема да им биде асфалтирана улицата. И тоа и во времето на власта на СДСМ и во времето на ВМРО-ДПМНЕ.

 

‘ПАЛАТАТА’ Е НА ПРОФЕСОРКАТА РОДНА ЖИВКОВСКА

ФОКУС Сепак овојпат Ви вбризгаа и доза на гламурозност?

ЦВЕТАНОВСКИ Значи, прво се манипулираше дека сум живеел на Водно заедно со ќерките и синовите. Дефинитивно имам една ќерка и еден син, што можат да го проверат во надлежните служби. Во ‘Форум’ напишаа дека ‘свадбите на децата биле на соодветно гламурозно ниво’. Вистината е дека само ќерката ми е мажена. Во септември 2006 г. во ‘Ореов лад’ правевме веселба. Беше договорено порција по 10 евра од човек. Среќа си ги чувам сметките. За 90 наши гости плативме 900 евра. Тоа е значи ‘гламурозната свадба’.

ФОКУС Што се однесува до ‘палатата’ во која живеете, имате ли објаснување како екипата на неделникот ‘Форум’ дошла до овде, но ја овековечила комшиската куќа пишувајќи ја за ваша?

ЦВЕТАНОВСКИ Тоа било вториот или третиот ден од штрајкот, мене сопругата ми кажа, дека видела возило на кое пишувало ‘Форум’. Биле двајца, од кои едниот излегол и сликал. На жената ѝ паднало сомнително, бидејќи воопшто не заѕвониле на врата. Добро е што ја запишала регистрацијата на возилото. Кога ми кажа помислив дека луѓето можеби случајно залутале тука бидејќи улицата е тесна за вртење. Е после 2-3 дена кога отидов на состанок на регионалниот одбор на СОНК во Битола, дознав за измислиците напишани во ‘Форум’. Веднаш во канцеларијата на СОНК за регионот, една колешка ми рече: ‘Претседателе, што правиме сега со твоите палати’?! Ако се палати, значи освен оваа треба да имам барем уште една. Јас не знаев за што станува збор. Тогаш ми објасни дека во ‘Форум’ ми била сликана ‘палатата’ со напомена како тоа било ‘јавна тајна’ дека откако сум се раздружил од ССМ сум ја направил семејната куќа налик на мала палата.

ФОКУС Чија е тогаш куќата која што е прикажана како ваша?

ЦВЕТАНОВСКИ Тоа е имот на семејството Живковски, односно на професорката од Правниот факултет, г-ѓата Родна Живковска. За појаснување, тоа беше госпоѓата што беше избрана за судија во Врховниот суд, па после тоа се повлече од лични причини.

ФОКУС Но, нели, Родна Живковска е сестра на директорот на Драмскиот театар, Бранко Ѓорчев?

ЦВЕТАНОВСКИ Да, тоа е семејството на покојниот артист Ацо Ѓорчев.

ФОКУС Инаку, Бранко Ѓорчев беше еден од оние директори што излезе и јавно се спротивстави на штрајкот.

ЦВЕТАНОВСКИ Не би сакал тоа така да го поврзувам, но во секој случај се брат и сестра. Ќе консултирам правници, па ако нема реакција од семејството на Живковска, значи дека тие мене ми го отстапуваат тој имот. Се шегувам! Инаку, тоа што се гледа на фотографијата како палата е дел од гаража што ја правеше нејзиниот покоен сопруг пред 15 години. Минатата година приспособија една соба со купатило и тука доаѓаат нејзините синови. Очигледно е дека многу умешно е фатена од страна на фоторепортерот за да изгледа како да е дел од палата.

ФОКУС Знам дека самиот ја возите службената ‘шкода’ на СОНК стара 17 години. Но, нели, како ‘јавната тајна’ во ‘Форум’ беше обнародено дека сте го обновиле возниот парк? Има ли вистина во ‘јавната тајна’?

ЦВЕТАНОВСКИ Најодговорно тврдам дека имам само еден автомобил- ‘Фиат’ пунто од 1995 г. што го купивме на старо пред 7 години. Инаку, имам и косилица која што ми треба за косење на тревникот бидејќи живеам во куќа. А да, имам и количка за бетон, како и два стари велосипеди кои што не се во возна состојба. Тоа е мојот ‘возен парк’ ама не е обновен.

 

_TOM0175

СО ЗАЕВ НИКОГАШ НЕ СУМ СЕ ВИДЕЛ

ФОКУС И Вашата работна биографија бајаѓи Ви ја наџиџаа со ‘кодошки’ моменти?

ЦВЕТАНОВСКИ Моето прво вработување ми е во ОУ ‘Кочо Рацин’ во село Брвеница затоа што не успеав да се вработам во Македонски Брод, бидејќи училиштата беа пополнети со наставен кадар. Во Брвеница, пак, имаше доста доселеници од мојот крај, меѓу кои и тогашниот директор. Не знам дали е сѐ уште директор, но знам дека пола од неговото семејство беа вработени во училиштето и без малку важеше за приватно училиште на тој господин. Во една пригода слушнав за една родителка која што дошла да праша за своето дете или да реагира за постигнатиот успех, но од директорот добила добро тепање. И самиот се фалеше дека прво ја удирал со бокс, а после ја исфрлил на клоци. Тоа не можев да го премолчам и со уште двајца од наставниците ја известивме просветната инспекцијата во Тетово. Тие дојдоа и тоа е ‘аргументот’ дека сум кодошел и дека ме избркале, демек. Вистината е дека наредната година самиот ја напуштив работата таму, бидејќи навистина беше неподносливо како директорот ‘педагошки’ го водеше училиштето. Тоа е приказната. После тоа работев одредено време во ‘Треска’ и сосема случајно потоа патот ме однесе во Кисела Вода во новоформираниот општински синдикат.

ФОКУС Беа пуштени во оптек и разно-разни приказни за Вашето ‘гламурозно’ семејство. А знам дека на тоа и најжестоко реагирате?

ЦВЕТАНОВСКИ Мојата жена работеше во ‘Годел’ во комерција. Од 2000 г. е стечаен работник со 3 неисплатени плати и 12 неисплатени плати како отпремнина. Сега од Заводот за вработување зема 3.200 денари. Ќерката ми е димпломиран економист и дури после 3-4 години чекање сега е вработена во една од приватните банки на определено на 3 месеци и така е околу 1 година. Синот е дипломиран земјоделски инженер, има уште три испити до магистратура, но не сака да магистрира бидејќи гледа дека нема фајде од тоа. Пред неполна година преку приватна агенција за вработување работи на проекти на три месеци. Инаку, силни изјави сум слушал дека се вработени во ЕВН, дури дека ќерка ми која е дипломиран економист работела наводно како судија во Апелационен суд. Но ова е вистината за моето семејство.

ФОКУС Покрај обидите за лична дискредитација и при овој штрајк власта, сега на ВМРО-ДПМНЕ, се обидува да Ве наслика како инструмент на опозицијата. Ова барем не е некоја новина?!

ЦВЕТАНОВСКИ Очигледно е дека не држи да се каже дека методите се исти. Овие се уште пострашни и дефинитивно се различни. Она што се напиша во ‘Форум’ е буквална ‘бљувотина’. Поднесов тужба и против ‘Вечер’ за она што Латас го објави на насловната: ‘Ебате штрајкот, Заев му се јавил на Дојчин и се договориле’. А со човекот никогаш се немам видено, ниту пак некогаш сме разговарале на телефон.

ФОКУС Ама прочитав дека сте ‘повторно заедно со Б. Ц’? Ве контактираше ли некој од ‘Форум’?

ЦВЕТАНОВСКИ Не, а и Чашуле го знам само онака од медиумите. Инаку, последен пат со г-динот Црвенковски се имам видено на една конференција кога уште беше премиер. Ме праша: ‘Синдикалец, дали се смири со штрајковите’. Му реков: ‘Г-дине претседателе сега немаме штрајк, но има и ќе има секогаш кога поинаку нема да може да се решаваат проблемите’. Тоа беше целиот разговор. А со него се немам слушнато на телефон ни пред тоа, ни по тоа.

 

ОД СИЛНИТЕ ПРИТИСОЦИ ДОЖИВЕА НЕРВЕН СЛОМ

ФОКУС Претпоставувам дека целта на оној кој што ги пушташе ваквите приказни беше да го мотивира членството на ВМРО што е во СОНК, да се декуражира да учествува во штрајкот. Не знам инаку зошто би Ве врзувале со една грогирана опозициона партија.

ЦВЕТАНОВСКИ Пораката веројатно требаше да стигне до сите 37.000 членови на СОНК. Ако вие напишете дека човекот кој што е на чело на Синдикатот што штрајкува има палати, дека го обновува возниот парк, дека е ‘алчна марионетка’ на опозицијата тогаш не знам кој би останал во синдикат што го води таков човек. Пораката е до сите: ‘Одете си од таму’. А ваквите валканици се ширеа во екот на штрајкот.

ФОКУС Една од најдолните шеми од времето на СДСМ беше оној обид да внесат раздор во СОНК преку притисоците врз синдикалците од албанската заедница. Имаше ли и сега вакви методи?

ЦВЕТАНОВСКИ Сега беше обратно. Токму во тие општини каде доминираат Албанци или во мешани етнички средини, таму немаше никакви притисоци. Претходните штрајкови особено во 2004 г. најпритиснати беа точно тие членови на СОНК.

ФОКУС А и тогаш и сега на власт е ДУИ?!

ЦВЕТАНОВСКИ Тоа е за анализа. Најстабилно штрајкот се одвиваше овие 8 дена во тие региони каде мнозинството беа Албанци. Во овие средини и Македонците не беа изложени на притисок, како во кумановскиот, тетовскиот, гостиварскиот, скопскиот, дебарскиот, кичевскиот и струшкиот регион. Таму немаше никакви проблеми.

ФОКУС Од друга страна, беше јадно и понижувачки да се гледаат некои ваши регионални претставници кои што читаа соопштенија како го прекинуваат штрајкот.

ЦВЕТАНОВСКИ Тоа беше Марјан Костадиновски од Штип, кој доживеа нервен слом од исклучително тежок степен. Приказната за него е интересна. Бидејќи седниците на Советот беа отворени за јавноста, па така и новинарите знаат дека токму Марјан зборуваше за исклучително силни притисоци што се вршат во Штип.

ФОКУС Во која смисла и од кого?

ЦВЕТАНОВСКИ Од сите нивоа. Вечерта кога заврши седницата на Советот некаде пред полноќ тој стигнал во Штип. Изутрината ни кажа дека регионалниот одбор каде што тој е претседател донел одлука да се прекине штрајкот. Јас бев изненаден, бидејќи тој важеше за еден од најлојалните и кон СОНК и кон барањата и кон штрајкот. Бев зачуден кога на вестите го слушнав како кажува дека доброволно ја потпишал одлуката за прекин на штрајкот. Сепак, изјави и дека ќе поднесат кривични пријави против директорите за притисоците кои што се вршени. Се обидов да го добијам на мобилен, но тој не ми одговараше. Подоцна ја дознав приказната за тој човек. Кога слушнал дека под притисок сите претседатели се натерани да одржат состанок, тој не отишол бидејќи е лидер – го познавам човекот. Но, сепак, кога видел дека одлуката била напишана, и тој во тој момент има доживеано стрес, ја потпишал. Се затворил дома во исклучително стресна состојба. Вториот ден со неколку колеги од регионите го посетивме и беше навистина жална сликата во семејството. Беа потресени, бидејќи тој нас не нѐ препознаваше воопшто. Беше договорено со неговата сопруга да одиме таму, за да направиме напори да им помогнеме. Има ќерка и помало синче. Примал некои силни аналгетици, но не му помогнало ни тоа.

ФОКУС Што правеле за да го доведат до таква состојба?

ЦВЕТАНОВСКИ Се вршеле неверојатни притисоци особено од локалните медиуми во Штип, така кажуваше неговото семејството. Ми кажаа дека го ‘распарчиле човекот’. Ноќта во 1 часот го донесовме овде на клиника. Беше на неврологија каде што повеќе од 1 час се убедувавме да го натераме на соработка. Сега има некое подобрување, но човекот сѐ уште се наоѓа во тешка криза.

ФОКУС Ова се веќе сталинистички методи, би рекла…

ЦВЕТАНОВСКИ Вие да, но ако јас тоа го кажам поинаку ќе звучи.

ФОКУС Како би ги нарекле тогаш ваквите методи?

ЦВЕТАНОВСКИ Во секој случај, тоа е далеку од нешто што смее да се случи во демократска земја.

_TOM0150

ШТРУКЕЉ НИ ГО ПОДИГНА МОРАЛОТ

ФОКУС Дали доаѓањето на европскиот претставник беше пресудно за да постигнете сепак некаков договор со Владата?

ЦВЕТАНОВСКИ Во секој случај, многу ни помогна неговото доаѓање затоа што голем дел од членството како да беше скептично кога им кажував дека имаме поддршка од силни меѓународни синдикати. Но не ги објавувавме за да не се добие впечаток дека меѓународниот фактор е вмешан во оваа работа и не сакавме да го злоупотребуваме. Доаѓањето на г-динот Штрукељ го подигна моралот кој што беше навистина скршен.

ФОКУС Што беше тогаш клучен фактор за да дојдете до договор?

ЦВЕТАНОВСКИ Клучното беше што имавме критична маса која и покрај силните притисоци остана во штрајк. Настрана сите оние изјави уште вториот ден од штрајкот како наводно две третини од училиштата работат, затоа што знаеја дека не е така. Ги имаме сите документи и на крајот самите тие ќе ја кажат вистината преку барањето да се одработат деновите. Кога ќе се објави, тогаш ќе се види дека навистина и осмиот ден по сите наши проценки процентот на поединци кои успеаја да ги скршат се движеше од 7 до максимум 10 отсто од вкупниот број што влегоа во штрајк.

ФОКУС Дали и тие што одлучуваа да работат барем Ви кажуваа зошто го менуваат ставот? Доброволно или присилно?!

ЦВЕТАНОВСКИ Најранлив дел беа тие 8 илјади што работат на определено работно време, кога во секое време директорот може да им даде отказ. Дел од нив не ги скршија, но кај еден дел успеаја во тоа. И тие пред медиумите оддаваа впечаток дека еве, се одвива настава. Ние имаме податоци во кои училишта, меѓу кои и во Скопје, се држени часови со по 5 деца, со 3 или со 1 дете во паралелка и така се заведувани во дневник.

ФОКУС Дали притисоците беа стихијни или организирани?

ЦВЕТАНОВСКИ На средбите со претставници на Владата, вклучувајќи ги и министрите им укажував на овие состојби. Првите денови имав впечаток дека тоа не допираше до нив. Сега, од оваа временска дистанца, гледам дека стратегијата била таква и дека, без разлика на се, да се оди и на ваков начин да се среди проблемот. Сепак најсилни беа притисоците од директорите…

ФОКУС Ама директорите само си ја штителе својата фотелја и не се на врвот од хиерархијата на моќта?!

ЦВЕТАНОВСКИ Да, но овде се отвори сега една друга приказна која сите ја знаеме, ама никој не сакаше да ја раскаже. Тоа што најмалку треба да биде исполитизирано: образованието, полицијата, армијата се покажа дека не најмалку, туку дека е до ‘зла бога’ исполитизирано.

ФОКУС Па се знае дека директорите ги ставаат по политичка линија!

ЦВЕТАНОВСКИ А знаете ли која е најголемата штета?! Кога учениците од пониските одделенија ја гледаат својата учителка, која за сите нас е како родителот, како некој ја трга со сила, вика пред детото, со пцовки, со наредби, со закани ја влече учителката за рака, ја турка. Е и тоа се правело пред учениците. Замислете си, која е сега штетата всадена во психата на тие деца. Е, до крај ќе одиме со тоа, не може тие директори да останат на такви одговорни функции. Како прво, ќе бараме сите тие да бидат веднаш разрешени затоа што тие луѓе кршеа закон, устав, меѓународни конвенции, ама кршеа и души на деца. Тие не можат понатаму да останат.

ФОКУС Ама тие работеа по инструкции на некој ‘погоре’?

ЦВЕТАНОВСКИ Да, но и мене може некој да ми нареди да ве тепам, но јас не смеам да го правам тоа.

ФОКУС Повеќе верувам дека оваа власт ќе ги награди тие директори кои што успешно ви правеле опструкции.

ЦВЕТАНОВСКИ Навистина искрено би сакал да постапи поинаку. Тоа ќе биде огромен поен за власта дефинитивно, затоа што ова не е материјална штета, па ќе ја надополните. Ова е огромна штета која никако не можете да ја отстраните ама можете да ја залечите со тоа што ќе ги тргнете тие луѓе. Со тоа ќе испратите порака пред јавноста дека не се согласувате со тоа што се правеше. Но не е доволно власта само да се дистанцира од нив, туку и да ги казни за тоа што се случувало.

_TOM0139

ДРЖЕА ДЕЦА ВО ЗАЛОЖНИШТВО!

ФОКУС Да, ама тие директори не го правеле тоа самоволно.

ЦВЕТАНОВСКИ Нека кажат барем. Тоа може да им биде олеснителна околност заради хиреархијата, но во секој случај не може да бидат амнестирани. Во едно училиште децата наутро биле донесени и оставени пред училиште, знаете по која линија. Но бидејќи наставниците одбиваа да држат настава, децата беа заклучени во училница и дел од нив го отвориле прозорецот и излегле преку него. Тоа е еден вид заложништво со деца. Исто така, во едно училиште наставниците што штрајкуваа беа заклучени во наставничката канцеларија, за да не даваат изјави пред медиумите. И така, само оние неколкумина кои што работеле биле достапни до новинарите да дадат изјави дека ‘се работи во училиштето’.

ФОКУС Дали после сево ова се намали членството на СОНК? Мислам на оние кои се блиски на владеачката партија, кои сега за да не трпат последици едноставно излегуваат од СОНК?

ЦВЕТАНОВСКИ Навистина многу мал број членови, некои доброволно, други ‘доброволно’, не’ напуштија. Но, многу е поголем приливот на нови членови. Можете да ги видите пристапниците. Уште почудно е што 5-6 установи дури сега формираа синдикални организации. Тие до сега не само во СОНК, туку не беа ниту во еден синдикат, дури и во времето на комунизмот кога членството одеше по автоматизам. Значи, нив тогаш ни комунистите не можеле да ги натераат да бидат членови на синдикат, но еве, сега оваа власт успеа во тоа. Се на се, имаме околу 500-700 нови членови, а десет пати е помал бројот на оние што не напуштија .

ФОКУС Најавивте повеќе кривични пријави заради недозволени притисоци во синдикалната активност. Да Ве потсетам, и во 2004-та го сторивте тоа, дури и против министри, но ништо од сето тоа?

ЦВЕТАНОВСКИ Добро, но сакам да одам напред. За овие 4 години се надевам дека работите се сменети на подобро.

ФОКУС Го постигнавте тој договор што го постигнавте, сега како ќе одат натаму работите? Се најдовте на половина пат со Владата.

ЦВЕТАНОВСКИ Не сакам така математички да гледам: пола-пола или еден-еден или три-два. Ова не беше таков резултат. Имавме три исклучително важни барања. И сите да ни ги прифатеа, јас пак немаше да бидам задоволен, поаѓајќи од состојбите во кои се овие дејности. Ние дефинитивно продолжуваме и понатаму, но се надевам не со штрајкови. Прво, зарем не е огромна работа што договоривме трансформација на работниот однос за 8 илјади луѓе. Над сите парични побарувања на прво место ви е сигурноста односно ќе ги тргнеме стресовите кај овие луѓе, да не бидат во ваква ситуација, буквално аргати, врзани и да ги затегнуваат со конец. Како второ, тврдите изјави од другата страна дека се подготвени да дадат хранарина, само за 900 денари стануваше збор, и тоа од јануари 2010 г. ‘ако се создадат можности’. Значи, не беше сигурно туку ако се создадат можности. Гледате, сега, тоа ќе биде од јуни 2009 година, значи 7 месеци од 2009 година ќе го добијат тој дел, а 5 месеци нема. Понатаму, никаде не беа споменувани колективните договори во делот на новите коефициенти и зголемување на плати. Сега тоа е во спогодбата, но од јануари 2010 година. Ние не тргнавме некого да го победуваме. Секаде во светот кога влегувате во вакви битки, кои се дефинитивно непријатни за двете страни, ниеден синдикат не одел по секоја цена ‘се или ништо’. Кога дојдовме до нешто што е прифатливо, а дефинитивно е излез од таа ситуација, ја потпишавме спогодбата и ја ставивме на хартија.

 

НАСКОРО ЌЕ СЕ ПОВЛЕЧАМ

ФОКУС Зошто културњаците некако го одгледаа од страна сево ова?

ЦВЕТАНОВСКИ Не, дел од нив навистина беа дел од штрајкот, како Универзитетската библиотека која е огромна установа, музеите…

ФОКУС Како успеаја некои од културните институции да си ги зголемат претходно платите, а некои не?

ЦВЕТАНОВСКИ Минатата година покрај тие 10 отсто за сите во јавната администрација, беа зголемени платите за плус 20 отсто само во 8 установи. Истите, и оваа година покрај тие 10 отсто што важат за сите во администрацијата, повторно земаат уште по 20 отсто. Или, за две години, сите ќе имаат по 20 отсто зголемување на платите, а тие по 60 отсто.

ФОКУС По кои критериуми некои установи се привилегирани?

ЦВЕТАНОВСКИ Треба да ги прашате тие што ги зголемија платите по кој основ тоа го сториле. Знам дека основ не може да има дефинитивно и тоа беше надвор од законот. Кога ќе ви ги набројам тие осум установи се ќе ви стане јасно. Тоа се: Македонската опера и балет, МНТ, Филхармонијата, Драмскиот театар и уште неколку театри: Битолскиот, Тетовскиот, и Албанскиот и Турскиот во Скопје. Инаку, оваа година уште три театри тргнаа по нивните стапки.

ФОКУС Значи, пак партиската припадност била главна ‘способност’ на директорите. Тоа е мојот коментар.

ЦВЕТАНОВСКИ Ама не е мој коментар, зашто не сакам да влезам во некои други води.

ФОКУС Верувате ли сега после штрајкот дека лекцијата е научена?

ЦВЕТАНОВСКИ Мора да се извлече голема поука и повеќе никогаш да не се доведеме до ваква ситуација. Како второ, никогаш повеќе да не се обидува никој со вакви средства да го скрши СОНК. Имало и порано обиди, ама овој пат се преминаа сите црвени линии. Треба да сфатат дека не можат да го скршат СОНК. Лекциите се секогаш горки за сите, но овој пат лекцијата беше најгорка. Веројатно ќе разберат дека не може повеќе да се вратат синдикалните состојби, барем во однос на СОНК таму каде што некогаш беа. Контролиран, со ногата на врат – толку ќе бидеш синдикат колку што треба. Завршена е таа работа. Тие немаат повеќе проблем со Дојчин, дефинитивно. Наскоро и Дојчин нема да биде во овој синдикат.

ФОКУС Каде ќе биде?

ЦВЕТАНОВСКИ Дома со семејството.

ФОКУС Да не одите во пензија?

ЦВЕТАНОВСКИ Тука сум блиску, ми требаа уште 3 ипол години, ама пред тоа ќе се повлечам. Мојот мандат, добиен од 900 делегати, трае до октомври 2010 година, ама ќе се повлечам од лидерската позиција на СОНК пред тоа. Тоа сум им го кажал на моите колеги. Едноставно, сметам дека не е добро некој предолго да биде на истурена позиција.

ФОКУС Дали и со тој што ќе дојде после вас за лидер, СОНК ќе биде силен?

ЦВЕТАНОВСКИ СОНК не смее да дозволи на ова место било кој да дојде, но со оној кому членството ќе му даде доверба СОНК ќе биде силен зашто веќе сме моќна синдикална организација. Нека не мислат дека Дојчин ги генерирал тие работи… Дојчин почна во 2002 година кога еден заспан џин, по бројот на членство беше пола од сегашниот, но повторно тоа е огромна маса, и успеавме да го разбудиме. Тој е дефинитивно разбуден и сега не можете да го контролирате повеќе. А заради гадотиите што беа ширени во медиумите, сакам да потенцирам дека никогаш нема да го гледаат Дојчин на некоја листа на политичка партија, ни како самостоен, ниту пак во власта. Дојчин ќе го заврши работниот век во СОНК и одвај чекам да се смирам и да му се приклучам на семејството кое плати огромна цена за мојата синдикална борба.

 

Воздржаност
АКО ВИ ГИ КАЖАМ НАЈВАЛКАНИТЕ ПРИТИСОЦИ ЌЕ И НАПРАВАМ ШТЕТА НА МАКЕДОНИЈА

ФОКУС Малку ме збунувате затоа што уште пред да го вклучам касетофонот ми напоменавте дека сепак нема конкретно да проговорите за оние највалканите и најмонструозните притисоци?

ЦВЕТАНОВСКИ Уште веројатно подолго време нема да ги кажувам.

ФОКУС Кој е ефектот од задоцентото откривање на вистината? Се плашите ли од нешто?

ЦВЕТАНОВСКИ Не, не сум таков човек. Се плашам за нешто друго …

ФОКУС Зошто јавноста да не дознае на што се е спремна една владеачка структура?

ЦВЕТАНОВСКИ Затоа што сметам дека прво ќе направам штета на државата, од тие причини. И во 2004-та јас не дадов дозвола преку интернационалата да се поднесе тужба против Македонија. А тужбата беше подготвена. Ако се сеќавате на колешката од интернационалата која со солзи на прес конференцијата изјави дека никаде ова не го видела. Јас ја стопирав тужбата заради државата. И овојпат истото ќе го направам.

ФОКУС Зарем и од Штрукељ баравте да биде благ во критиката?

ЦВЕТАНОВСКИ Да, го молев повторно за да не дотураме бензин на огнот што веќе сериозно гореше. Се обидував и кон надвор да не отиде толку лоша слика за Македонија.

 

Судска разврска
СИТЕ ШТО МЕ КЛЕВЕТЕА ТОГАШ СЕ ОСУДЕНИ

ФОКУС Што стана со судските процеси што заради клевета ги покренавте после штрајкот на СОНК во 2004 година?

ЦВЕТАНОВСКИ Против сите тројца што тогаш ги тужев ги добив споровите. Онаа г-ѓата што на фингираниот конгрес ја ставија за претседател на СОНК при ССМ, а изјавуваше дека сум си ја вработил снаата во СОНК, си плати толку колку што требаше да плати кон државата и кон мене. Правосилно го добив и процесот против онаа госпоѓа што на ТВ изјавуваше дека сум имал висока плата од 51 илјади денари, иако не беше тајна дека мојата плата беше 27 илјади денари. Сега го чекам рочиштето во делот за нематеријална штета. За истото кривично дело по моја тужба е осуден и Ванчо Муратовски, останува и тука уште пресудата за отштета. Сепак, морам да напоменам дека имаше премногу обиди за купување време, да поминат 4 години и предметот да застари.

 

Бајруш и Дојчин
ФОРУМ БЕЗМАЛКУ МЕ НАПРАВИ СИНДИКАЛЕН МАФИЈАШ

ФОКУС Сега ќе ги тужите за клевета само ‘Вечер’ и ‘Форум’? Колкава отштета ќе барате?

ЦВЕТАНОВСКИ И самите гледате дека не сум по парите, но посебно за г-динот од ‘Форум’ навистина не гледам доволно голем износ што треба да плати за гадотиите што ги истресе. Никој не ми згазнал толку силно по честа и достоинството како ‘екипата на Форум’. Без малку сакале некаква паралела да направат со тој Бајруш. Демек, гледате Бајруш е тутунски мафијаш, а овој е синдикален мафијаш. Ќерка ми кога го прочита, со солзи ми кажа само дека ѝ се повраќа. Не сум човек што зло за зло враќа, но не сум ни тој што и другиот образ за шлаканица ќе го свртам.

Поврзани новости