И на Јанкулоска и Јанакиески им се заканува долгогодишна робија

by fokus

Поранешниот министер Миле Јанакиески е обвинет во четири случаи на СЈО, „Титаник“, ТНТ“, „Топлик“ и „Траекторија“, па доколку се соберат максималните затворски казни кои се предвидени за кривичните дела кои му се ставаат на товар, излегува дека му се заканува максимална затворска казна од 28 години.

Сепак ова е само статистичка претпоставка, односно збир на максималните казни кои му запретуваат, бидејќи доколку биде осуден, може да добие и многу помали затворски казни. Како што појаснуваат правниците, Јанакиески во никој случај не би ја добил максималната казна, бидејќи таа во Македонија за основни форми на кривични дела е органичена на 20 години затвор.

Во случајот „Титаник“ на Јанакиески на товар му се ставаат четири кривични дела и тоа „злосторничко здружување“, за што е предвидена затворска казна од една до пет години, „злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања“, за што е пропишана казна од најмалку пет години, „злоупотреба на службената положба и овластување“ за што е предвидена кзана од најмалку пет години и „повреда на слободата на определување на избирачите“, за што казната е најмалку три години.

Во случајот „ТНТ“, Јанакиески, се гони за две кривични дела, злоупотреба на службената положба и овластување“ член 353, став 3, за што е предвидена казна од најмалку три години и истото кривично дело, „злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 5, за што е предвидена казна од најмалку пет години.

Во случајот „Траекторија“ Јанакиески се гони за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, за што е предвидена казна од најмалку пет години.

Поранешната прва полицајка, Гордана Јанкулоска, пак е обвинета во три случаи на СЈО и тоа „Титаник“, „Тенк“, и „Тврдина и Таргет“, кои се споени во едно. Доколку се соберат максималните затворски казни кои и се закануваат, за секое кривично дело, се доаѓа до бројката 26 години. Сепак, како што претходно напоменавме, и таа не би можела да ја добие оваа казна, бидејќи максимална казна затвор во Македонија за основни форми на кривични дела е 20 години затвор.

Во „Титаник“ Јанкулоска се гони за четири кривични дела и тоа за „злосторничко здружување, за што е предвидена затворска казна од една до пет години, за кривичното дело „повреда на избирачкото право“ казната е најмалку три години,  за „злоупотреба на службената положба и овластување“ е казна од најмалку пет години и „повреда на слободата на определување на избирачите“, за што казната е најмалку три години.

Во случајот „Тенк“, поранешната министерка се гони за „злоупотреба на службената положба и овластување“ за што е предвидена казна од најмалку пет години.

И во случајот „Тврдина и Таргет“, Јанкулоска се гони за истото кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, за кое како што веќе кажавме, е предвидена најмала казна од пет години.

В.В.

Поврзани новости