И на 100 години да ги осудите, мене детето нема да ми се врати, рече мајката на Тамара

by fokus
Мајката на малата Тамара, Жаклина Димовска, на крајот од денешното сведочење во Кривичниот суд изјави пред судот дека се приклучува во кривичното гонење на Обвинителството во постапката против членовите на првостепената и второстепената Комисија во Фондот за здравство.
Но таа остави на нејзините правни застапници да одлучат дали ќе биде побарана отштета.
-И на сто години да ги осудите присутните и целата држава да ми ја дадете, моето дете нема да ми се врати. Но правда мора да има – рече Димовска.
Таа денеска пред судот даде исказ во својство на сведок на обвинителството. Мајката на прерано починатата Тамара рече дека додека нејзината ќерка била се уште жива, помош побарала лично и од тогашната директорка на Фондот, Маја Парнаџиева Змејкова. На нејзина иницијатива, Тамара ја прегледал специјалист од Турција.
-Морам да ви демонстрирам нешто, реакцијата на докторот од Турција кој ја прегледа Тамара беше: Oh my God, this is not a human body. Како ова дете живее. Ова не е нормално човечко тело, рече тој и не праша што сме чекале до сега. Докторот констатира дека е потребна операција уште утре – рече Димовска.
Таа повтори дека докторот на Клиниката за ортопедија, кој ја прегледал Тамара, рекол дека не може да се оперира во Македонија бидејќи се работи за претежок случај. И покрај мислењето на специјалистите, и покрај протисокот од јавноста, во декември 2014 година Тамара во тешка здравствена состојба се уште чекала решение за лекување во странство.
-Му се јавив на докторот од Хрватска, кој ја оперираше на Филип Втори, и го известив дека Тамара има скратување на ногата и отежнато дишење. Тој ми рече дека во тој стадиум во кој се наоѓа, тоа е нормално и дека е добро што е уште жива. На 11 февруари 2015 година, три дена откако Тамара почина, добив решение од Фондот за лекување во странство, не знам како може мртов пациент да добие решение за лекување во странство – раскажа мајката.
Таа додаде дека во 2014 година сите дечиња со истата дијагноза кои биле одбиени од Фондот, чекале да се отвори спиналниот центар, кој не е отворен до ден денес. Во 2015 година по смртта на Тамара, четирите дечиња добиле позитивно решение и биле упатени да се лекуваат во странство. Судењето продолжува со вкрстено испрашување.

Поврзани новости