СЕКС-СКАНДАЛИТЕ НА ПОЛИТИЧАРИТЕ

by Fokus

Пишува: Тања Алексиќ

Кога ќе застанеш на државничка функција, покрај сиот професионален кариерен ангажман, ќе мора да бидеш ангажирано сконцентриран и вешт во сочувувањето на интимноста и да одбегнуваш можност за скандали. Во ера на медиумска експанзија, совладани техники на фотомонтажи, папараци и шпионажи, не е лесно!

Но, токму поради тоа, не треба со леснотија да се сфати јавниот настап, титулата бара должна внимателност, што ќе кажеш, како ќе кажеш, кому и како ќе се обратиш и секако, кај кого ќе одиш во емисија.

Реалните шоу-емисии и емисиите од типот „Невозможна мисија“ направија тектонско поместување во медиумскиот свет, го навлекоа просечниот гледач да умислува дека е натпросечен кога ги гледа глупостите на жртвите – актери, во атмосфера на примитивизам и расчеречување на човечкото достоинство како sвер и гладијатор во арена.

Од секс-скандалите на политичарите низ историјата, сѐ уште се памети аферата на Џон Кенеди со секс-иконата на минатиот век, Мерилин Монро, како и претпоставките дека кланот Кенедиеви се вмешани во нејзината трагична смрт.

Кратка орална приказна на овална маса, која долго ќе се памети, имаа Бил Клинтон и Моника Левински. Не дека секс-скандали од подалечната историја немале државници, војсководители и луѓе од тронот, туку немало современа техника да се документираат, а пишаниот збор може да се препише, допише и избрише.

Колку само низ литературата се пишувало за кралевите на развратот, од Семирамида, вавилонската кралица која го озаконила инцестот, преку Клеопатра, Калигула, кој ја силувал сестра си Друзила, а коњот го прогласил за конзул.

Кога сме веќе кај коњот, не е докажано, но се (пре)пишувало дека блудната руска царица Катарина, мажена со полуидиот кралот Петар Први, починала од коњска повреда при задоволување на својата бестијалност.

Денес, поради развиената медиумска техника и неразвиените чувства за етика, преплавени сме со секс-скандали. Од сите невозможни мисии на овие балкански простори, запаметена е „бунга-бунга“ скандал епизодата со тогашниот премиер на Србија, Ивица Дачиќ, кој како либерален политичар не одбива покана во емисија.

Познат низ медиумите како политичар со убав глас (знае да потпевнува со школската од с. Житораѓа, омилената му Цеца, па да ја пречека грчката политичка елита со бузуки песна и сл.), занесот на популарноста ќе го дотурка во емисија со плејбој-зајачицата Бранка Књежевиќ, со однапред подготвено сценарио од тимот на Невозможна мисија.

На премиерот, Еј Бранка, Бранка, во тек на разговорот ќе му го покаже меѓуножјето. Изразот на премиерот, ала Мона Лиза, истата вечер е виден од преку два милиони следбеници на „Јутјуб“, а не било баш филмски како на Мајкл Даглас пред Шерон Стоун во филмот „Основниот инстинкт“.

Можеби инспирација на масмедиумските папарачки махери, да се дрзнат  да го наместат премиерот, била претходно изјавата на Јелена Карлеуша за претседателот Александар Вучиќ, со кого имала средба и изјавила дека ,,Дачиќ е вистински џентлмен кој гледа во очи, а не во деколтето“.

Можеби тогаш и на Карлеуша не ѝ било ни на крај на умот дека и таа ќе биде овековечена со секс-скандал, благодарение на компјутерската технологија и ниските страсти (а можеби и љубов, веќе и љубовта не е тоа што некогаш била).

Можеби е и намерно, неа ѝ е „дозволено“, таа е „шоумен“, слатка мала која заработува од скандали. Но, политичарите и сите јавни личности со државнички функции, мора да ја научат старата француска максима ,,благородништвото обврзува“ и да направат селекција на која телевизија и во каква емисија ќе се појават, што треба, а што не треба да кажат.

Зад секој политичар, особено претседател или премиер, мора да работи пи-ар тим, буквално да го вежба претпоставениот за јавен настап. И шегата кога ќе ја каже, однапред да е извежбана. Спонтаноста е „кул“ кога зад неа стојат харизма и прецизни информации!

Моралот бавно, но сигурно се менува, низ вековите наназад жените гореле на клада поради својата природна сексапилност, а во италијанскиот парламент, во периодот од 1987 до 1991 година, порноsвездата Чичолина ќе заработува како народен пратеник, а до крајот на животот ќе зема пензија од 39 илјади евра годишно како екс парламентарец.

Сепак, демократија без основна култура и бонтон навики, без Noblesse oblige, станува вулгаризација и скрнавење на човечкиот род.

 

Поврзани новости