И Груевски ја „прошета“ бундата, но пред малку публика

by fokus 12:34
12:34

Откако Амди Бајрам ја одбележа кампањата со својата гламурозна бунда од астраган, скапоцено крзно кое што се добива од фетуси на јагниња, вчера и Груевски ја прошета својата бунда, во тиквешките села Ваташа и Марена.

За разлика од бундата на Бајрам, таа на Груевски на изглед беше доста поскромна и во лежарен стил, но не ,,влезе’’ во очи на јавноста и поради тоа што речиси и немаше кој да ја види. На митинзите, кои што поради слаба посетеност политичарите имаат навика да ги нарекуваат мини – митинзи, освен раководството на партијата и неколку десетици селани, немаше излезеност. Не успеавме да дознаеме ниту од какво крзно е направена, бидејќи Груевски никогаш не е достапен за коментари од тој вид.

- Advertisements -

Кавадарчани уште за време на митингот на коалицијата ,,За подобра Македонија,, предводена од ВМРО – ДПМНЕ му покажаа на Груевски дека не е добредојден, поставувајќи транспарент на кој што пишуваше дека лозарите не му забораваат. Оваа година за лозарите се покажа како една од најкатастрофалните, па токму поради тоа, голем е бројот на кавадарчани кои што и свртија грб на партијата. Жителите на Ваташа и Марена претежно живеат од лозарство и на ветувањата на Груевски дека земјоделците ќе добијат дополнителни субвенции гледаат со неверување.

„Пред неколку години се укинаа владините субвенции од два денари по килограм грозје. Зошто сега, пред избори, пак ни се ветуваат нови субвенции?“ – се прашуваа лозарите.

Инаку, кога е крзното во прашање, голем број на светски познати модни брендови престанаа да го користат во своите колекции. Помеѓу нив се Hugo Boss, Tommy Hilfiger, Calvin Klein, Stella McCartney, Armani…

Кај нас, сеуште постојат такви кои што во име на модата, како статусен симбол или пак под изговор дека во зима само природно крзно може да ги стопли, ја оправдуваат суровоста кон животните. Исто така, бундите од крзно се сметаат како заштитен знак на балканската турбо фолк естрада. Речиси и да нема позната пејачка или старлета која што во зима не парадира облечена во бунда од природно крзно. Помеѓу големите љубителки на крзното спаѓаат Цеца Ражнатовиќ, Лепа Брена, Дара Бубабмара, Сораја, Карлеуша и други.

Вики Клинчарова

Поврзани новости