Боки 13 до Тодоров: Нинче, ти си трагедија!

by fokus

Бојан Јовановски, познат во јавноста како Боки 13, денес му посвети интересен статус на својот Фејсбук профил на Никола Тодоров, министерот за здравство на РМ. Имено, Бојан денес како претставник на здружението ,,Дајте ни крилја’’ заедно со останати членови од ресурсниот центар бил во посета на Министерството, каде што поднеле барање за измени во законот за лицата со посебни потреби, а при посетата, на Боки му се вратиле спомените од пред неколку години, кога случајно се сретнал со Тодоров во еден ресторан.

„Денеска бев да ги предадам барањата за подобри услови, третман и достоинство на лицата со специјални потреби во Министерството за здравство и пред истото се обратив на јавноста !!!!
Досегашниот Министер за здравство е познат по своите катастрофални потези, но јас имам едно лично непријатно искуство со истиов, па накусо ќе ви го раскажам…. Пред неколку години Нинче седеше во еден ресторан со уште неколку свои полтрончиња и ете ме мене влегувам и јас во истиот тој ресторан со мои пријатели, за жал морав да поминам покрај масата на Министерот за да седнам на својата маса…. Никогаш нема да ја заборавам реакцијата на Нинче кога ме виде, почна да се смее, да биде ироничен, Нинче така сељачки и уличарски почна да ме коментира и исмејува мене со своите полтрончиња….

Тогаш си реков, како може оваков некој да биде Министер, како може некој кој врши јавна функција да нема елементарно домашно воспитување….

Нинче мене ми е се смееше тогаш, на Нинче денеска му се смеам јас и го жалам во исто време!

НИНЧЕ, ДА СЕ БИДЕ РАЗЛИЧЕН И СВОЈ Е ПРИВИЛЕГИЈА, А ДА СЕ БИДЕ НЕВОСПИТАН, УШТЕ ПА И МИНИСТЕР Е ТРАГЕДИЈА!!!!“ – напишал Јовановски.

Во телефонски разговор тој ни потврди дека барањата за измени во законот за лицата со посебени потреби се во име на лицата со посебни потреби, но и нивните семејства.

„Овие луѓе заслужуваат достоинствен живот, подобри услови и права во оваа земја. Тоа што му го порачав на Тодоров е вистина, и се надевам дека нема тој да биде личноста која што ќе одлучува за судбините на лицата со посебни потреби, туку на негово место ќе дојде некој друг кој што професионално и човечки ќе се заангажира за подобрување на животот на овие категории на граѓани“- вели Боки.

Пред околу два месеци, Јовановски ја трогна јавноста со својот хуман гест, кога го згрижи бебето Лука од Свети Николе заедно со родителите, во стан во Штип.

Тогаш тој ни изјави дека не можел само да стои и да гледа како родителите се молат за кров над глава и бараат помош за своето бебе, па веднаш реагирал и ги сместил во удобен дом, за кој што киријата и сметките во тек на една година биле подмирени, а дотогаш општината ветила дека ќе ја реновира нивната куќа, за да може Лука да има среќно детство.

Инаку, Боки е соработник во проекти на ЕУ во изминатиот период.

Вики Клинчарова

Поврзани новости