Европските лидери ја поздравија подготовката на пристапниот договор со Црна Гора, но во конечните заклучоци не ја задржаа целта за затворање на сите преговарачки поглавја до крајот на 2026 година. Истовремено, предлогот на Европската комисија за подготовка на Унијата за проширување ќе биде предмет на дополнителна анализа, без одлука за неговите конкретни решенија.
Во усвоениот текст на Европскиот совет се наведува дека се поздравува тековната работа на изработката на пристапниот договор со Црна Гора, како и намерата на ирското претседателство да работи на привремено затворање на преостанатите поглавја, под услов земјата да ги спроведе потребните реформи.
Сепак, во споредба со претходниот нацрт, изоставена е конкретната временска цел за затворање на сите поглавја до крајот на годината. Според Хина, чиј извештај го објави „Индекс“, промените следувале по интервенција на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој ги запознал европските лидери со осум барања на Загреб што Подгорица треба да ги исполни за да добие хрватска согласност за завршување на преговорите.
Црна Гора досега привремено затворила 21 од вкупно 33 преговарачки поглавја. Хрватска го блокира затворањето на поглавјето 31, кое се однесува на надворешната, безбедносната и одбранбената политика.
Европскиот совет се осврна и на предлогот на Европската комисија „Подготовка за поширока Унија“, кој го „прими на знаење“ и побара од Советот на ЕУ да ги анализира сите негови аспекти и потоа да ја продолжи работата. Со тоа предлогот не е ниту прифатен како целина ниту отфрлен, туку останува во процедура, без утврден рок за следните одлуки.
Една од клучните идеи на Комисијата е отворањето на преговарачки кластери и другите меѓучекори во пристапните преговори да се одлучуваат со квалификувано мнозинство наместо со едногласност. Тоа би ја ограничило можноста една земја членка да ги блокира овие фази. За приемот во Унијата, сепак, и натаму би биле потребни едногласна одлука и ратификација на пристапниот договор од сите договорни страни.
Македонија не е поименично спомената во делот за проширувањето, како што не се спомнати ниту другите земји кандидати. Европскиот совет повтори дека проширувањето претставува геостратегиска инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот, нагласувајќи ја потребата од продолжување на реформите, особено во владеењето на правото.
Иако Унијата најавува подготовка за идно проширување, конкретните решенија на Комисијата допрва треба да добијат поддршка од земјите членки. Случајот со Црна Гора покажува дека и покрај напредокот во подготовката на пристапниот договор, усогласувањето на заедничката политичка порака останува чувствително.