Предвремените избори не зависат премногу од случајот со полагањето на правосудниот испит на албански јазик, туку повеќе ќе зависат од тоа дали оваа влада ќе биде во можност да обезбеди пари за да ги спроведе тие предвремени избори, односно тоа значи ново задолжување. Но, секако, правосудниот испит како прашање би можело да се искористи како причина за да се оди на предвремени избори, ги коментира во видео-разговор за „Фокус“ политичкиот аналитичар Сефер Селими, препирките и несогласувањата меѓу владините партнери за прашањето за полагање на правосудниот испит за студентите – Албанци кое произведе протести, но и сеериозни несогласувања меѓу ВРЕДИ и ЗНАМ како партнери во влааста.
„И, тоа на некој начин и двете страни, мислам на ВРЕДИ и ВМРО-ДПМНЕ, ќе си креираат алиби за своите гласачи зошто би се одело на предвремени избори. Меѓутоа, јас речиси убеден, дека предвремените избори се веќе договорени. Во политичките кулоари веќе извесен период се зборува дека 18 април идната година е терминот за одржување на предвремените избори, но на крајот тоа ќе зависи од способноста на оваа влада да се задолжи за да може и да ги ‘тера’ своите проекти и за да може да реализира кампања“, вели Селими.
Според него, на сите им одговара сценарио – во кое ќе има ескалација на меѓусебните односи поради прашањето за правосудниот испит, кое во едно, би можело да предизвика и потенцијален распад на коалицијата на власт. И, на тој начин да се забрза уште повеќе процесот за одржување на вонредни парламентарни избори. Можеби најмногу на ВРЕДИ кое, посочува Селими, се наоѓа под силен притисок за т.н. неспособност за претставување на т.н. „албански интереси“ во власта и притисокот што, поради тоа, го има и од опозицијата, но и генерално.
Од друга страна, тврди Селими, премиерот Мицкоски повеќе пати игра топло-студено со предвремените избори. Еднаш е дециден дека нема да се одржат, а друг пат, дека тие ќе се случат со оправдување ако нив опозицијата ги бара. Тоа знали, вели тој, дека премиерот калкулира, а главниот фактор е дали ќе успее да обезбеди задолжување на европските финансиски пазари во износ од околу 1,2 милијарди евра.
Подготвиле:
З.Ф. – Т.Г.