Министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, при посетата на Хидробиолошкиот институт во Охрид соопшти дека со денешното пуштање на 100.000 единки охридска пастрмка, порибувањето на езерото за 2026 година заврши со вкупно 6,5 тони одгледан подмладок, односно за 1,6 тони над планираните 4,9 тони.
-Потпишан е договор со Хидробиолошкиот институт и за следниот циклус на вештачки мрест и порибување во наредната година со нови 1.550.000 млади пастрмки – изјави Серафимовски.
Тој појасни дека во годинашното порибување биле вклучени и 100.000 поголеми единки од минатогодишниот мрест, со просечна тежина од 16 грама, за надоместување на пропуштеното по паузата во вештачкиот мрест од 2019 до 2023 година, и притоа посочи и дека кај летната форма на охридската пастрмка, по 23 години од последниот вештачки мрест, експериментално е добиен подмладок кој успешно се одгледува.
-Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја засилува заштитата и на јагулата, која е критично загрозен вид. Нејзиното зачувување го поставуваме како институционален приоритет. Владата за првпат усвои Национален план за управување со јагула – нагласи министерот.
Тој најави дека Хидробиолошкиот институт ќе ги спроведува мерките за внесување млади јагули и безбеден транспорт на сребрените јагули кон морето, при што за пренос се предвидени 40 отсто од утврдената годишна квота за лов на традиционалната рибарска замка „Далјан“ на Црн Дрим кај Струга, за да им се овозможи да го продолжат патот кон Саргасовото Море, избегнувајќи го минувањето низ турбините на хидроцентралите.