Хојт Ји на средба со Ахмети: Изборот на Талат Џафери е реалност и мора да се прифати

by fokus

Изборот на Талат Џафери за претседател на законодавниот дом е реалност и како  таква мора да се прифати. Ова е заклучокот, но и една од пораките која произлегла на средбата помеѓу лидерот на ДУИ, Али Ахмети и заменик државниот секретар на САД, Хојт Брајан Ји, кој денеска се сретна и со претставниците и на останатите албански партии Беса, Алијансата на Албанците и ДПА, јави 24 Вести.

„Треба да се прифати оваа нова реалност – изборот на новиот претседател на собранието Секретарот беше многу јасен, дека на Република Македонија најмногу во овие моменти и треба стабилноста, процесите да се одвиваат на правилен пат и институциите да функционираат“, изјави Али Ахмети.

На новинарско прашање што со министерот Нухиу и дали тој останува на функцијата министер за внатрешни работи – Ахмети порача дека ќе остане се додека е потребно, односно додека не биде избрана новата влада.

„Ја има целата поддршка и од партијата и од сите други. Ако се повлече, па и да се повлече, тој е обврзан да биде на чело на министерството за внатрешни работи затоа што нема орган кој може да ја прифати неговата оставка“, изјави Ахмети.

На средбата со лидерите на албанските партии присуствуваше и американскиот амбасадор Џес Бејли додека високиот американски претставник Хојт Ји утре треба да се сретне и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Груевски и Заев.

Поврзани новости