Дарко Митревски: Немаш муда, Фидане!

by fokus

Нервозно пребарувам по интернет за да дознаам што точно се случува во мојот роден град. Пуштам пораки кај роднини и пријатели, оттаму ми велат: ВМРО прави обид за воведување воена состојба, ги држат пратениците од СДСМ и албанските партии затворени во една сала, не се знае дали живи ќе излезат, додека „оној твојон глумец прави претстава за масите, пишува во својата колумна Дарко Митревски, објавена на Мкд.

Во продолжение ви пренесуваме дел од колумната:

„Фино ми го плеснаа: оној мојон глумец. И професионално и приватно мој. Никој друг како Владо не умеел така да ги изговори репликите што јас ги пишував. Во „Досие Скопје“ ми ја водеше рубриката „Скопски гробови“, раскажувајќи ги моите приказни за познатите и непознатите починати скопјани. Таа улога ја репризираше цела деценија подоцна, кога на моја молба одржа говор на погребот на татко ми, раскажувајќи ја од мене напишаната приказна за мојот починат родител. И на филмското платно, и на телевизиските екрани, и во нашите животи – гласот на Владо бил тој што ги изговарал моите најинтимни мисли. Во него ги исклесав моите соништа, онака како што секој автор си се отсликува во своите дела, како скулптор што би исклесал идеализирана слика за самиот себеси во ликот и телото на својата голомадеста скулптура.

Ќе можам ли пак со исти очи да си го гледам тоа што сум го сработил? Ќе можам ли да му ги пуштам тие визуелни записи на син ми кога ќе порасне? Ќе умеам ли да се смеам на комичните реплики на Владо – а притоа да не помислам на крвавите лица на Заев и Села додека гледаат во крволочните лица на своите џелати, „патриотските јунаци“ што Владо ги поведе во јуриш против народните избраници. Апла јунаци, и тие и тој – тргнале со ножеви и стапови да тепаат невооружени луѓе, да тегнат за коса жени, да шутираат човечко месо… Ете, тоа е животната улога по која ќе го паметам Владо остатокот од животот: командант без муда, застанат на чело на армија од кукавици! Некогаш големиот актер од МНТ одработува за бившиот статист од Драмски театар, ништожни страшливци и едниот и другиот, мажи без муда што праќаат силеџии да тепаат во нивно име. „Никогаш јас не сум повикувал на насилство!“, вели едниот, кој само пред неколку месеци се закани дека нему лојалниот „народ“ ќе ги крене на клоци неговите политички противници. „Не сум се заканувал со војна!“, до пред некоја недела се бранеше другиот, за денес да биде на чело на оние што сакаат да запалат воен пожар во сопствениот двор. Барем да имаа храброст да си застанат зад зборовите, барем да имаа муда самите да кренат рака и да удрат – наместо што пуштаат други да тепаат за нив додека едниов пее, а другиот се правда.

Немате муда, Фидане! Ни ти ни тој. И такви, без трошка ташаци – но полни со зла и луда мисла, ќе влезете во историјата. Во колективната меморија на народот што (во тоа не се сомневам) го сакаш до лудило, ќе останеш запаметен не по улогите што јас ти ги режирав, туку по оваа еднава што сам си ја додели. И тури ѝ пепел на таа уметност, Домаќине, надживеана од срамот.

Поврзани новости