Хипиците во Маврово направиле генералка и го исчистиле ѓубрето кое стоело со години!

by fokus

Голем број на хипици од различни земји во светот од средината на јули престојуваат во шатори во Националниот парк Маврово, покрај Мавровско Езеро, што предизвика бурни реакции од локалното население.

Поплаки дека групата која ќе остане таму се до 17-ти август врши физиолошки потреби во шумата, пали оган, организира журки и изведува разни ритуали, пристигаат од мештаните, кои прашуваат како се дозволило стотици хипици да се сместат во Национален парк, посебно во летен период кога се актуелни шумските пожари, и на социјалните мрежи се бара нивна дислокација.

Сепак, како што соопштуваат од ЈУНП Маврово, Маврови Анови, овие поплаки барем досега, се покажале како неосновани.

Полициски службеници и службите од паркот често биле присутни на терен и не регистирирале неправилности, туку се изненадиле од генералното чистење на теренот кое го направиле хипиците.

-Локалитетот Црн Камен освен од сопствениот комунален отпад, исчистен е целосно од повеќе годишниот отпад околу и под грмушките од присутните што е за поздравување, и во меѓувреме побарана е зачестена интервенција од Комуналното претпријатие за собирање на комуналниот отпад кој што е уредно собран во најлонски вреќи и изнесен на локалниот пат за лесно да може да се собере и транспортира- информираат од Националниот парк.

Појаснуваат дека хипиците не се сместени во шумата, каде е забрането движење, туку на простор околу езерото.

Истата група првин била сместена во Жировница, од каде им било наложено да ја напуштат локацијата бидејќи биле регистрирани неправилности – седеле во строго заштитена зона, и биле населени без пријава. Како локација за престој бил предложен локалитетот Црн Камен. Таму биле дадени насоки да се евидентираат присутните и да се регулира нивниот престој.

Хипиците се луѓе од различни земји, различни профили и професии, а голем број од нив дошле во Маврово семејно.
Во нивните форуми и групи на социјалните мрежи, може да се забележи дека патуваат низ целиот свет, неформално се организираат и дружат, на местата каде престојуваат заеднички готват, се забавуваат, и немаат лидер.

Голем број од нив периодов ги посетувале и угостителските локали во Маврово, пазареле во маркетите, и имале еден вид на хипичко летување, со што дел од мештаните пак сметаат дека е добро во однос на локалната економија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости